21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали Путин ги губи главните европски пазари на гас?

Дали Путин ги губи главните европски пазари на гас?

Германија треба да почне да штеди енергија за да биде понезависна од увозот на фосилни горива од Русија, изјави министерот за економија Роберт Хабек, цитиран од „Reuters“. Агенцијата додаде дека најголемата европска економија изгледа се подготвува да го намали увозот на руска нафта и природен гас.

Притисокот врз Германија да го поддржи ембаргото на руските фосилни горива расте во услови на уништување и големиот број цивилни жртви од војната во Украина. Од почетокот на непријателствата во земјата, Москва добила речиси 34 милијарди евра од продажбата на фосилни горива на ЕУ, според проценките на Центарот за животна средина и чист воздух (CREA). Најголемиот дел од овие средства доаѓаат од продажбата на природен гас речиси 21,5 милијарди евра, а од нафтата над 11,5 милијарди евра.

Пред неколку дена Русија одобри надополнување на државниот резервен фонд со повеќе од 3 милијарди евра од дополнителните средства што земјата ги добива од трговијата со нафта.

Хабек е категоричен дека Германците можат значително да ја намалат потрошувачката на руските извори на енергија, на пример со користење на воз или велосипед.

„Секој километар без автомобил е придонес за полесно откажување од руските енергетски резерви“, рече тој во интервју за „Funke Media Group“.

Друг начин да се намали потрошувачката на гориво е да продолжите да работите од дома каде што е можно, вклучително и еден или два дена неделно.

Германија е категорична дека нема да го поддржи плаќањето за испораките на руски гас во рубљи, што може да биде доволно за Москва да го загуби најголемиот европски пазар. Германија, од своја страна, е меѓу најзависните во ЕУ од увозот на руски енергетски суровини – повеќе од 55% од увозот на гас во земјата во 2021-ва година. Лани земјата увезла вкупно 142 милијарди кубни метри природен гас.

Темата за диверзификација е сложена – Германија, на пример, нема терминали за течен гас, иако може да ги користи капацитетите во Холандија или Белгија. Згора на тоа, повеќето од подземните складишта за гас во земјата се управувани од „Газпром“, што исто така ги става властите во тешка положба.

Европската комисија ги предупреди членовите на заедницата дека плаќањето во рубљи според предложената шема на Москва ќе го прекрши режимот на санкции. По овој коментар, холандската влада им нареди на своите енергетски компании да не ги почитуваат новите услови што ги наметна „Газпром“ во име на рускиот претседател Владимир Путин. Сепак, земјата има многу мала зависност од увозот на руски гас околу 15% од вкупниот увоз.

Италија исто така соопшти дека не ја прифаќа шемата, а премиерот Марио Драги веќе потпиша договор за зголемување на испораките на гас од Алжир, како и разговори за алтернативни испораки од Ангола и други африкански земји.

Засега, некои од помалите пазари на „Газпром“ во ЕУ планираат да го исполнат барањето на Русија бидејќи немаат избор, иако потрошувачката е помала од онаа на Германија или Холандија. Сепак, ваквата одлука е прекин на европската заедничка политика кон Русија. Повеќето корисници на „Газпром“ го платија гасот до крајот на април, а следните плаќања се закажани за мај.

Русија годинава ќе заработи повеќе од 320 милијарди евра од Европа од продажбата на фосилни горива. Секторите за нафта и гас обезбедуваат околу 40% од приходите во буџетот на Русија. Според рускиот претседател Владимир Путин, Европа нема алтернатива за руските енергетски испораки, а Москва може да се потпре на Истокот, но рутите за гас и нафта во оваа насока сè уште се на цевковод.

Во меѓувреме, во интервју за „ВВС“, украинскиот претседател Володимир Зеленски директно ги обвини Германија и Унгарија, како и „другите земји“ дека поради различни причини ја блокираат одлуката на ЕУ за ембарго на руската нафта. Тој посочи дека треба да се разговара со овие земји за да се воведе такво ограничување.

Во интервјуто, Зеленски објасни дека не може да одбие да преговара за мир и покрај сето она што го направи руската војска во неговата земја, затоа што сака да заврши војната што е можно поскоро пред 100% од земјата да биде уништена и стотици илјади да ги загубат нивните животи.

„Дали лидерот на државата освојувач има многу опции да стави крај на војната? Да продолжи да се бори до последниот жив Украинец?“, праша тој реторички.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП