26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАТри години затвор за возачот што ја прегази девојката кај „Сити мол“,...

Три години затвор за возачот што ја прегази девојката кај „Сити мол“, семејството на загинатата сметаат дека пресудата е еднаква на ослободителна

Тригодишна затворска казна доби возачот Јордан Ѓоргиев, кој ја стори сообраќајната несреќа кај „Сити мол“. Тој доби и забрана за управување со моторно возило следните три години откога пресудата ќе биде правосилна. Тој ќе остане во притвор сѐ до правосилноста на пресудата поради тоа што судот смета дека може да се даде во бегство. Судијката Љубинка Башевска ја изрече казната по само едно рочиште, на кое обвинетиот ја призна вината. Според судијката, Ѓоргиев не се придржувал на прописите во сообраќајот, не обрнал внимание на пешаците, а возел и со недозволена брзина.

„Му изразувам длабоко сочувство на семејството на сега покојната Валентина. Мислев дека и лично ќе бидат тука да им го кажам тоа. Советот ги имаше предвид сиге отежителни и олеснителни околности. Отежителни околности се тежината на кривичното дело, недозволената брзина со која се управувало возилото, општествената опасност, запретената казна, загубениот човечки живот. Советот ги ценеше олеснителните околности, тоа се признанието, возраста, не е осудуван, нема постапка за друго кривично дело, тоа што е студент, не е оженет. Тоа беа повеќето од причините поради кои одлучивме благо ублажување на законскиот минимум“, рече судијката Башевска.

Сообраќајната несреќа, во која загина 24-годишната Викторија Николова, а нејзиното момче Леонид Даов беше повреден, се случи на 20 јануари на раскрсницата кај „Сити мол“. Возачот Јордан со брзина од 67,3 километри на час, што е 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, удри во двајцата пешаци што поминувале улица. Според обвинението, возачот не обрнал внимание дека семафорите се исклучени, со тоа, иако бил должен, тој не ги пропуштил пешаците.

На претходното рочиште возачот изрази и каење, па рече дека ако би можел да смени нешто, би го сменил местото со покојната. Неговиот адвокат Душко Јанковиќ рече дека тој никогаш не оспорувал оти ја сторил несреќата. Посочи дека е од невнимание. Јанковиќ го молеше судот да биде благ кон Јордан при одмерување на казната, да ги цени сите факти и докази, особено да ги цени искреното каење и признанието дадено и покажано од негова страна.

„Сакам да му изразам сочувство на семејството на покојната. Од тој ден немам ни еден миг раат, многу сум вознемирен. Камо да можам да сменам нешто за тој ден. Доколку би можел, би го сменил местото“, изјави возачот Јордан Ѓоргиев на претходното рочиште.

Обвинителот Мишо Илиевски, кој работеше на случајот, во завршните зборови посочи дека неоспорно е докажана вина и посочи дека се надева оти со казната ќе се превенира за други вакви сообраќајни несреќи направени со прекршување на сообраќајните правила. Адвокатката на повредениот Леонид Даов рече дека признанието вина не треба да биде олеснителна околност.

Семејството на загинатата Викторија Николова и адвокатот на Леонид Даов, сметаат дека пресудата за возачот Јордан Ѓоргиев е еднаква на ослободителна. Владимир Михајловиќ, адвокат на семејството Николови казната изречена од судијката Љубинка Башевска ја нарече несериозна. Мајката на Викторија, со плач ја дочека пресудата. Таткото на покојната, кажа дека се згрозени од висината на казната.

„ Немам зборови, згорезен сум од оваа држава, од судството и затоа има толку голем процент на недоверба. Друго немам ништо, згрозени сме како фамилија со ваква пресуда. Немаме зборови, сите ќе ја напуштат оваа држава“, рече таткото на покојната Викторија.

Адвокатот посочи дека пресудата е скоро ослободителна.

„ На 20. вечерта трепкаше жолто светло, судот денеска дозволи да свети зелено и да помине неказнето. Три години затвор е несериозна. Ќе имаме жалба на предудата. Се надеваме дека Апелација ќе биде повеќе сериозна. Имаме ситуација кога се е чисто, кога без разлика на признавањето на вина делото како што е. Пресудата е скоро ослободителна и дозволуваме да бидеме жртви на сообраќајното насилство” рече Владимир Михајловиќ.

Адвокатката Билјана Андонова, посочи дека ќе бараат од обвинителот да поднесе жалба со која ќе бара поголема казна.

„ Обвинетиот е казнет со казна од три години. Ќе поднесеме барање до ОЈО за задолжителна жалба. Донесена е многу ниска пресуда. Покрај тоа што побаравме пресуда која ќе биде апел кој ќе оддекне во јавноста. Сметаме дека обвинетиот ја смета предудата за ослободителна“, кажа адвокат Билјана Андонова, која го застапува повредениот пешак Леонид Даов, кој и беше момче на покојната.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП