Лидерот на бугарската партија Има таков народ, Слави Трифонов, кој е дел од владината коалиција, го нападна премиерот Кирил Петков дека се обидува да го заобиколи коалицискиот договор и да го трне ветото за Северна Македонија, со цел почеток на преговорите до крајот на јуни годинава.
„Пред да се формира оваа влада, четворицата партнери преговараа и потпишаа коалициски договор. Во него, во делот за надворешна политика, сите се согласивме дека Бугарија ја задржува сегашната позиција во однос на Северна Македонија. Тоа значи дека почеток на преговорите на Северна Македонија за нејзино членство во ЕУ ќе има дури кога ќе почне да го спроведува договорот од 2017 година. За жал, премиерот Кирил Петков постојано се обидува да го заобиколи овој договор и без никакви гаранции да го отфрли ветото што го стави Бугарија. Тој сака да започнат преговори до крајот на јуни без никакви гаранции за почитување на правата на Бугарите во оваа земја. Потенцирам дека тоа го прави без да ги координира своите изјави и постапки не само со дипломатите од МНР туку и без координација со коалициските партнери, а уште помалку со Народното собрание. Бугарија е парламентарна република и бугарскиот парламент има јасен и недвосмислен став по оваа тема. Ставот го потврдија сите пратенички групи на последниот Советодавниот совет за национална безбедност.“, напиша Трифонов во објава на Фејсбук.

