Оваа пресуда од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбур доаѓа откако домашните судови пресудија дека уредничката на ,,Фокус” Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов треба да му платат над 9000 евра штета на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков за изнесена клевета и навреда. Според пресудата на Стразбур, која беше објавена денеска, правосудните органи во Македонија го прекршиле членот 10 – слобода на изразување од Европската конвенција за човекови права, а на тужителите, уредничката Костова и новинарот Апостолов им е одредена нематеријална штета од 3000 евра односно 1250 евра.
Апликацијата беше поднесена во 2016 година, откако новинарите пред домашните судови беа осудени за клевета и навреда на тогашниот директор на УБК, за што му платија штета од над 9000 евра. Текстовите беа објавени во сега згаснатиот дневен весник „Фокус“, каде што беа пренесени изјави од поранешниот амбасадор на Чешка, Игор Илиевски, кој тврдеше дека бегал од Чешка поради притисоците од Мијалков. Постапката ЕСЧП беше застапувана во име на новинарите од страна на адвокатската канцеларија Медарски од Скопје.

