Русија ќе одговори со возвратни мерки за протерувањето на петмина руски дипломати од Северна Македонија, порача денеска портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
Според неа, станува збор за изразито непријателски чекор кој е продолжување на курсот што го презеле властите во Северна Македонија пред неколку недели, а кој води кон брзо рушење на билатералните односи со Русија, пренесува агенцијата ТАСС.
„Со приклучувањето кон русофобната хистерија иницирана од Западот, Скопје повторно ја потврди својата подготвеност непромислено да го жртвува својот суверенитет и да носи одлуки кои се спротивни на расположението во општеството и спротивни на основните национални интереси“, нагласува Захарова.
Од Министерството за надворешни работи денеска соопштија дека го повикале рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, кому му била врачена дипломатска нота со која петмина вработени во Амбасадата на Русија се посочени како непожелни во земјава или персона нон грата.