28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија е претставена на саемот за туризам во Полска

Македонија е претставена на саемот за туризам во Полска

varsava

Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Република Македонија прв пат го претстави својот туристички потенцијал на саемот за туризам во Варшава, Полска.

На саемот што се одржува од 24 до 26-ти овој месец, Република Македонија има свој штанд.

Според директорот на АППТ Јордан Трајков, ова саемско претставување е втор логичен чекор во долгорочниот промотивен план за Полска по минатогодишните средби меѓу македонскте туристички агенции и полските тур оператори во Познањ, Варшава и Краков.

– На саемот се претставивме подготвени, со нови промотивни материјали на полски јазик и пред се, прекрасен штанд. Во рамки на манифестацијата во најфреквентниот период во текот на вториот ден, заедно со Љупчо Михаиловски, ќе одржиме презентација пред полски тур оператори и новинари. Со ваквиот континуиран, долгорочен настап очекувам да продолжи трендот на зголемување на бројот на полски туристи кај нас, рече Трајков.

Економскиот промотор за Полска и Унгарија Љупчо Михаиловски потенцира дека Полска е голема земја и е една од ретките во ЕУ која во услови на економска криза имаше растечка економија.

– Полската економија е компатибилна со нашата. Ова е доволен показател за можни позитивни економски односи на повеќе полиња, вклучувајќи го и туризмот. Се радувам што се претставуваме овде и очекувам тоа да донесе значително поголем број на туристи од Полска во Македонија, истакна Михаиловски.

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот ја претставува Република Македонија на четврти саем за туризам оваа година по успешните презентации во Холандија, Австрија и Финска.

Во програмата на Агенцијата до крајот на 2013 година е предвидено Македонија да се претстави на 17 саеми за туризам низ светот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП