Стопанска банка АД Скопје за периодот јануари-декември 2021 година оствари добивка пред оданочување од 2 728 833 илјади денари и во однос на претходната година бележи зголемување за 25 %. Нето добивката изнесува 2 456 956 илјади денари или околу 40 милиони евра.
Според банката, ваквиот резултат претставува континуитет на повеќегодишното успешно работење на Банката кое се заснова на нејзините здрави деловни фундаменти поткрепени со применетиот успешен бизнис-модел, силната капитална позиција, прудентното управување со ризиците и применетите принципи на добро корпоративно управување.
Вкупната актива на Банката на 31.12.2021 г. изнесува 114 102 699 илјади денари и, споредена со крајот на 2020 година, е повисока за 8 %.
Нето-приходите од камати изнесуваат МКД 3 844 041 илјади и се зголемени за 3 % во однос на истиот период од минатата година, пред сѐ како резултат на кредитните активности и зголемувањето на кредитното портфолио. Трендот на ниски каматни стапки продолжи и во 2021 година, при што влијанието е поизразено кај каматните расходи поради поголемиот износ на депозити во однос на кредити.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат МКД 831 490 илјади денари и се зголемени за 13 % во однос на анализираниот период во 2020 година, пред сè поради зголемениот обем на активности, од кои најмногу во делот на платните сервиси и картичното работење.
Нето-приходите од курсни разлики забележаа пораст од 8 % и изнесуваат МКД 110 078 илјади, како резултат на зголемениот волумен на тргувања на девизниот и менувачкиот пазар.
Останатите приходи од дејноста забележаа зголемување од 31 % и изнесуваат МКД 463 220 илјади.
Во исто време, Банката успеа да ги одржи оперативните трошоци од работењето на релативно исто ниво, при што трошоците за вработени изнесуваат 890 490 илјади денари, додека оперативните трошоци изнесуваат 798 796 илјади денари.
Во анализираниот период, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето-основа, во износ од 772 417 илјади денари, која е намалена за 20 % во однос на истиот период од претходната година.
Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.