28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСиромашните деца се поневидливи за институциите!

Сиромашните деца се поневидливи за институциите!

Состојбата со сиромаштијата во Македонија станува се поголем проблем. Институтот за економски истражувања и политики Finance Think спроведе истражување во кое се наведува предизвикот за решавање на детската сиромаштија и вклучување на мерки за сиромаштија, приоритизацијата на политики и планови за намалување на нееднаквоста и таргетирање на најранливите деца, како и реформирање на образовниот процес со цел да овозможи секое дете да достигне соодветно ниво на образование. Податоците се поразителни, над 30 отсто од децата на глобално ниво живееат под прагот на сиромаштија. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, детската сиромаштија во земјава во 2019 година изнесувала 27,8%, додека домаќинствата со двајца родители и три и повеќе деца остануваат особено изложени на ризикот од сиромаштија односно нешто над 45 отсто.

Последните извештаи за земјава покажуваат дека сиромашните и социјалноисклучените деца, кои претежно живеат во големи домаќинства и во руралните делови на неразвиените региони, имаат поголем ризик да останат изолирани. Тоа значи дека тие деца се дополнително ранливи во ограничениот пристап до образование и здравствени услуги. Од нив, ромските деца се уште поранливи. Сепак, од Finance Think велат дека детската сиромаштија не е истражена на детален начин. Од Институтот појаснуваат дека ова истражување има за цел да ја објасни повеќе димензионалноста на детската сиромаштија во однос на различни демографски и географски показатели, да го претстави првиот индекс на повеќедимензионална детска сиромаштија во Македонија и да ја прикаже неговата аналитичка и практична вредност.

„Почетниот праг на сиромаштија е поставен на 25%, а дополнително ја проверуваме стабилноста на резултатите за различни прагови од 20% до 50% детска сиромаштија и се изразува како производ од двете. Методот е флексибилен во дизајнирањето на индексите, овозможувајќи различни варијации на сетовите показатели, праговите и пондерите. Дополнително, овозможува податоците да бидат разгледувани според подгрупи и димензии. За да ги откриеме најчестите лишувања, како и најранливите групи деца во Северна Македонија, вршиме детална анализа на индексите, додека за да ги идентификуваме најважните фактори на ризик за повеќедимензионалната детска сиромаштија во Северна Македонија, користиме логистичка и тобит регресивна анализа“, стои во анализата на Finance Think.

Наодите откриваат дека речиси 12 отсто од децата на возраст од 5 до 17 години како и безмалку 9 отсто од децата до 5 години се повеќедимензионално сиромашни. Како децата растат така сиромаштијата се продлабочува. Постојат и значајни разлики помеѓу децата од руралните и урбаните средини каде можат да се забележат при анализирањето на сиромашни деца кои живеат во социјален ризик. Сиромаштијата на децата на возраст до 5 години во руралните средини се движи од 3,4% до 5,5%. Од друга страна, сиромаштијата кај децата на возраст до 5 години во урбаните средини доминантно доаѓа од три димензии: сигурност, ран детски развој и материјална состојба. Кај постарите деца, покрај пристапот до вода и санитетски услови, здравје, живеалиште и грижа и љубов, има повисок процент на сиромашни деца во руралните средини. Од друга страна, во делот на образованието, грижа и љубов, сигурност и материјална состојба, тие формираат најголем дел од детската сиромаштија во урбаните средини. Етничката поделба на децата открива значајни разлики. Истражувањето открива дека секое трето ромско дете на возраст до 5 години е повеќедимензионално сиромашно, во просек сиромашно во третина од областите на лишување. Кај останатите етникуми е забележана пониска, но сепак значајна застапеност на сиромаштија, односно секое петто дете е повеќедимензионално сиромашно. Застапеноста кај албанските деца е блиску до просекот на популацијата, додека македонските деца се најмалку сиромашни.

„Во Југоисточниот регион секое четврто дете на возраст до 5 години е повеќедимензионално сиромашно, а во Источниот регион секое петто дете на иста возраст е сиромашно во повеќе димензии. Сиромашните деца во истите два региона се ранливи, во просек, во 36% од индикаторите. Скопскиот и Полошкиот регион се следните два региони со висока распространетост на сиромаштија, 8,21% и 7,75%, соодветно. Слични движења има и кај постарата група деца. Југоисточниот и Источниот регион имаат највисок индекс на повеќедимензионална сиромаштија, 5,89% и 6,08%, соодветно, следени од Полошкиот и Скопскиот регион со 4,32% и 3,89%, соодветно. Додека Југоисточниот и Источниот регион имаат сличен индекс на повеќедимензионална сиромаштија, Југоисточниот регион има пониска распространетост на сиромаштија со повисок интензитет на сиромаштија во споредба со Источниот регион“, се наведува во извештајот.

Образованието на мајката е релевантно за групата на деца на возраст од 0-4 години, додека образованието на таткото влијае за групата на деца од 5-17. Без разлика на возраста, доколку детето живее во домаќинство со повеќе од две деца. Дополнително, попреченоста на негувателот може да биде значајна пречка во поглед на сиромаштијата за постарите деца. Годините и полот на децата и родителите имаат ограничена улога во објаснувањето на сиромаштијата.

Детската сиромаштија во урбаните средини може значајно да се намали со справување со лишувањата во образованието и материјалната состојба, додека во руралните средини потребен е поширок пристап со таргетирање повеќе димензии, заклучуваат од Институтот Finance Think. Потоа, децата Роми без разлика на возраста се значајно ранливи. Најмалку секое трето ромско дете е повеќедимензионално сиромашно. Образованието на децата и на родителите е важен фактор за излез од сиромаштијата. Врз основа на анализата од Finance Think тие препорачуваат да се институционализира мерењето на повеќедимензионалната детска сиромаштија, потоа експлицитно да се вклучат показателите на детската сиромаштија во Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и други релевантни тематски документи. Потоа, да се приоритизираат политиките и плановите за таргетирање на нееднаквоста и да се насочат кон најранливите деца. Но, и да се реформира образовниот систем за да овозможи секое дете да завршува соодветно ниво на образование со цел намалување на меѓугенерациското пренесување на сиромаштијата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП