25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАГолема полициска акција во Куманово и Скопје: уапсени полицајци и цариници кои...

Голема полициска акција во Куманово и Скопје: уапсени полицајци и цариници кои шверцувале дрога

По повеќемесечни активности, денеска, по насока на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал, извршена е голема полициска акција, во која учествувал и одделот за специјални полициски операции, со претреси на повеќе локации во Куманово и Скопје.

Како што информираат од МВР, притоа приведени се десет лица на возраст од 35 до 54 години, од кои петмина од Куманово, четворица од Скопје и едно од Тетово, меѓу кои и тројца полициски службеници и петмина царински службеници.

Деветмина од нив се сомничат дека извршиле кривично дело шверцување, а тројца дека сториле и кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

При претрес кај едно од лицата бил пронајден и одземен кокаин.

„Во текот на ноември 2021 година четворица од нив, меѓу кои двајца полициски службеници, во два наврата учествувале во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори, од царинската филијала на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ до зелениот појас во близина на границата со Косово. Притоа осомничените царински службеници постапиле спротивно на нивните службени надлежности и не извршиле соодветна контрола на стоката во согласност со декларираната“, посочуваат од МВР.

Лицата во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, а во координација со ОЈО за гонење организиран криминал, по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП