Американската компанија „Oracle“ се согласи да ја купи компанијата за електронски медицински досиеја „Cerner“ за околу 28,3 милијарди долари – зделка што ќе додаде широка база на корисници во здравствената индустрија, поддржувајќи го облачниот бизнис и базите на податоци на производителот на софтвер, објави „Bloomberg“.
Во зделката, која ќе биде целосно во готовина и е најголема за „Oracle“ досега, компанијата ќе плати 95 долари по акција, се вели во соопштението на компаниите во понеделникот. Цената е за 20% повисока од пазарната вредност на „Cerner“ од четвртокот, кога преговорите за договорот за првпат излегоа на берзата. Акциите на „Oracle“ паднаа за 3% во почетокот на тргувањето во понеделникот, а оние на „Cerner“ беа суспендирани од тргување по веста.
Извршниот директор на „Oracle“, Сафра Кац, рече дека купувањето треба веднаш да го зголеми профитот на „Oracle“ на приспособена основа во првата целосна фискална година по затворањето на договорот и ќе придонесе „значително повеќе за профитот во втората фискална година и понатаму“. Договорот се очекува да биде завршен следната година, соопшти компанијата.
„Oracle“, вториот најголем производител на софтвер по приходи, е најдобро познат по своите производи со бази на податоци и се обидува да се зацврсти во бизнисот со облачни услуги во последниве години, но заостанува зад лидерите на пазарот како „Amazon.com“ и „Microsoft“. Договорот со „Cerner“ му дава силна основа на „Oracle“ во технологиите насочени кон здравствената индустрија – секторот се очекува да потроши 15,8 милијарди американски долари на облачна инфраструктура и софтвер до 2023-та година, според истражувачот на пазарот „IDC“.
Дејвид Фајнберг, поранешен потпретседател на „Google Health“, стана главен извршен директор на „Cerner“ на 1-ви октомври, велејќи дека големата цел е да се користат податоците како дијагностичка алатка за да им се помогне на лекарите и медицинските сестри да ја подобрат грижата за пациентите. Пред две години, „Cerner“ објави договор со облак бизнисот на „Amazon“ за развој на програми кои се обидуваат да предвидат медицински дијагнози или да препорачаат третмани за пациентите.
„Cerner“, кој се натпреварува со „Epic Systems“ и „Allscripts Healthcare Solutions“, оствари приход од 5,51 милијарди долари во 2020-та година, а се очекува продажбата да се зголеми за 5% до 5,8 милијарди долари во оваа година. Компанијата е со седиште во Северен Канзас Сити, Мисури и има приближно 23.000 вработени.
Аквизицијата е најголемата на „Oracle“ откако го купи „NetSuite“ во 2016-та година, во договор од 8,7 милијарди долари. Набавката му даде на „Oracle“ финансиски софтвер наменет за мали и средни бизниси, кои се рангирани меѓу најбрзо растечките производи на „Oracle“.