1 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Alibaba“ сака да постигне јаглеродна неутралност до 2030-та

„Alibaba“ сака да постигне јаглеродна неутралност до 2030-та

Групацијата „Alibaba“ ќе се стреми да постигне јаглеродна неутралност во сопственото работење и да ги намали емисиите во синџирите на снабдување и транспортните мрежи до крајот на деценијата, соопшти кинескиот гигант за е-трговија.

„Alibaba“ вети дека ќе постигне јаглеродна неутралност до 2030-та година во однос на сопствените директни емисии – познати како „појас 1“, а во нејзините индиректни емисии – „појас 2“, добиени од потрошувачката на електрична енергија и греење.

Оттаму, исто така, велат дека ќе го намалат интензитетот на јаглерод – количината на јаглерод по единица приход – за 50% до 2030-ра година – емисиите од „појас 3“ од поширокиот синџир на вредност во области како што се транспортот, купените стоки и услуги и отпадот.

Компанијата исто така вети дека ќе го намали CO2 во сите свои бизниси за 1,5 гигатони до 2035-та година.

За да ги постигне овие цели, „Alibaba“ планира да воведе нови технологии за заштеда на енергија и со висока ефикасност, да користи дополнителни обновливи извори и да истражува „иницијативи за отстранување на јаглеродот“ кои би можеле да извлечат стакленички гасови што ја загреваат климата од атмосферата.

Извршниот директор на компанијата Даниел Џанг рече дека „Alibaba“ исто така се обидува да „мобилизира акција и промени во однесувањето меѓу потрошувачите, трговците на мало и партнерите во Кина и низ целиот свет“.

Минатата година, претседателот Си Џинпинг рече дека Кина ќе се стреми да стане јаглеродно неутрална до околу 2060-та година, вршејќи притисок врз големите корпорации во земјата да подготват свои патокази за да стигнат до „нето нула“.

Но, големите кинески технолошки компании остануваат во голема мера зависни од енергетскиот систем во земјата во кој доминира јаглен, а досега само мал број компании се обврзаа да се префрлат на обновливи извори на енергија.

Во извештајот објавен претходно оваа година, еколошката група „Greenpeace“ ја рангираше „Tencent Holdings“ како давател на услуги во облак со најдобри перформанси во Кина во однос на снабдувањето со обновлива енергија и намалувањето на емисиите. На второ место се најде „Huawei Technologies“, на третото е „Baidu“ и четвртото е „Alibaba“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП