26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАМногу извесно е дека Македонија нема годинава да ги почне преговорите со...

Многу извесно е дека Македонија нема годинава да ги почне преговорите со ЕУ

На Советот за општи работи што се одржа денеска во Брисел, Бугарија ја потврди блокадата за почеток на преговорите на Македонија во Европската унија.

На денешниот состанок земјите-членки разговараа за прашањето за проширувањето на ЕУ, како и за подготовките за Европскиот совет на 16 декември.

Како што јавуваат бугарските медиуми, Бугарија потврдила дека не може да ја одобри нацрт-преговарачката рамка и да постави рок за свикување на првата Меѓувладина конференција со Република Северна Македонија, бидејќи барањата од националниот рамковен став, поддржан со Декларација на Националното собрание, не се исполнети.

Постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ, амбасадорот Румен Александров, кој ја предводи бугарската делегација за учество на редовниот состанок на Советот за општи работи, ја изрази подготвеноста на Бугарија да продолжи со директниот дијалог со Скопје со цел да се решат прашањата за неусогласеност, односно Договорот и заштитата на правата на граѓаните со бугарски идентитет, пишува бугарската новинска агенција, БГНЕС.

Нема формулација „Меѓувладина конференција оваа година“ во заклучоците

Државната новинска агенција МИА јави дека иако словенечкото претседателство јавно настапи со надеж дека преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе започнат до крајот на оваа година и тоа беше експлицитно наведено во нацрт заклучоците, по денешните преговори меѓу министрите за европски прашања временската одредница не беше задржана, односно повеќе ја нема формулацијата „Меѓувладина конференција оваа година“.

МИА побара и објаснување зашто Северна Македонија е третирана различно од сите други држави во овој текст преку употребата на долгото име – Република Северна Македонија, секаде, додека другите се именуваат со нивното кратко име и дали ова претставува нов спор со името на земјата овој пат наметнат од Бугарија.

„Ова е одвоено прашање, за почетокот на преговорите потребна ни е преговарачка рамка, тоа е друг процес кој ќе биде започнат, бидејќи имаме нова Влада во Бугарија и многу сме оптимисти дека ќе се тргне по одамна поставениот пат што е можно поскоро“, изјави државниот секретар на Словенија.

Петков најави пресврт во односите со Македонија

Бугарскиот премиер, Кирил Петков, даде сигнал дека Бугарија ќе го смени ставот што ја кочи кандидатурата на Северна Македонија за Европската Унија.

Бугарскиот премиер, претходно денеска за „Фајненшл Тајмс“ најави нова процедура за надминување на спорот која, како што рече, ќе биде многу брза, со многу краток рок од 6 месеци.

Тој исто така изјави  дека новата влада ќе ги постави преговорите со Северна Македонија на нова основа.

„Ќе користиме работни групи за подготовка на одлуки за прашања, како што се заедничката економска активност, инфраструктурата, културата и историјата“, рече Петков.

Премиерот денеска пред новинарите изјави дека разговарал со македонскиот премиер Зоран Заев, кој му честитал.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП