Вргањот (Boletus edulis) е печурка која може да се консумира и која расте во листопадни и зимзелени шуми од мај до ноември. Поради променливите дождливи и сончеви денови најчесто се собира во есен.
Вргањот се карактеризира со бело-кафена боја и достигнува широчина на чадорчето до 30 сантиметри со дршка со дебелина до 7 сантиметри.
Ако немате добри познавања, најдобро е вргањот да не го берете сами, туку да го купувате од проверен извор. При купувањето внимавајте плодот да не е оштетен, а слободно ѕирнете и под чадорчето. Жолто-кафената боја под чадорчето укажува на тоа дека габата е презрела.
Вргањот е огромен извор на вредни хранливи материи. А еве и зошто би требало да го сместите во вашето есенско мени:
1. Тој е одлична замена за месото
Во стотина грама сиров вргањ се наоѓаат само 80 калории, а се содржат околу 7 грама протеини, поради што оваа намирница особено им се препорачува на личностите кои не јадат месо или храна од животинско потекло.
Вргањот има и извонреден вкус, којдобро се вклопува во најразлични јадења, при што може да го панирате и печете, комбинирате со јајца, да направите намази и да направите вкусна супа од него.

2. Го смирува и му дава сила на организмот
Вргањот е богат со тиамин. Се работи за витаминот Б1 кој е исклучително важен за нормалното функционирање на нервниот систем. Освен тоа, содржи и рибофлавини, ниацин, пантотенска киселина и витамин Ц кој го зајакнува целокупниот организам.
3. Го спречува заморот
Железото е клучно за преносот на кислородот во клетките на организмот. Токму затоа недостатокот од овој минерал во телото предизвикува замор како и чести вртоглавици. За да се спречи ваквата состојба, избирајте храна богата со железо. Помеѓу останатото, одличен избор во ваков случај се и печурките како што е вргањот, кој задоволува пет проценти од дневните потреби за овој важен нутритиент.

Совети за чување на вргањот
Вргањот е најдобро да се чува во картонска кутија до два дена, во ладилник. Помало количество од овој плод може и да се замрзне, спакуван во пластична фолија, а така може да се чува и до година дена, а поголемите парчиња може да се исецкаат на помали и да се чуваат на сличен начин.