25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПолитичарите ги заборавија сиромашните трчајќи по удобната фотелја!

Политичарите ги заборавија сиромашните трчајќи по удобната фотелја!

Ретко кој од политичките партии, нивните кандидати или независните потенцијални функционери на граѓаните во предизбориите им презентираше мерки кои би ги спроведувале за намалување на сиромаштијата. Невладините организации, синдикалните и граѓанските здруженија се на став дека навистина во кампаѓата недостасуваат програми кои предвидуваат подобрување на стандардот на граѓаните, токму на оние најранливи категории на граѓани.

Од Македонската платформа против сиромаштијата за Денар велат дека, за жал намалувањето на сиромаштијата остана тема за централните митинзи и партиските омаловажувања, без реална рефлексија во локалните изборни програми на кадидатите. Билјана Дуковска која е долгогодишен активист вклучена во борбата против сиромаштијата вели дека продолжува трендот на планирање на парцијални активности од сферата на социјалната заштита или од образованието или проекти кои се однесуваат само за една категорија на граѓани, но изостанува фокус кон стратешки развојни планови кои ќе подразбираат сегментирање на населението по потреба, идентификување на приоритети и вклучување на гласовите на заедницата во обликување на решенија.

„Без инвестирање во стручен кадар кој посветено ќе работи на проблематиката, без свесност за сиромаштијата како феномен многу поголем само од социјалната заштита, без соодветна општинска структира и само еднократно финансирање на проекти на граѓански организации наместо градење суштински партнерства со нив, уште долго ќе го поддржува големиот број на лица кои живеат под линијата на сиромаштија и уште поголемиот број на оние кои се во ризик од неа. Пристапот до елементарните потреби, воспоставувањето на социјалните и здравствени услуги, намалување на невработеноста преку локална активација, квалитетното и енергетски ефикасно домување, здравата животна средина, подобрувањето на животниот стандард, можности за учество во културниот и спортскиот живот, достапно образование низ целиот животен век и искоренување на сиромаштијата во храна, мора да се планираат како единствена стратегија за намалување на сиромаштијата и да се отсликуваат и поврзуваат во сите секторски политики на локално ниво. Само така општините ќе ја одиграат својата социјално-заштитна улога и ќе покажат дена навистина работат за доброто на своите граѓани“, вели за Денар Билјана Дуковска од Македонска платформа против сиромаштија.

Од здружението Гласен Текстилец за Денар велат дека во соработка со НВО Инфо Центар и неколку други здруженија од државата, преку поддршка од Олоф Палме Центарот, се вклучени во проект за овие локални избори. Овие организации имаа задача да остварат средби со граѓани и да спроведат онлајн и теренски прашалник со жителите на општина Штип, при што ќе ги дознаат нивните приоритети и проблеми кои треба да се најдат како решенија во агендата на идниот градоначалник на Штип. Од материјалите кои ги добиле граѓаните ги потенцирале инфраструктурните и комунални проблеми како водовод, бездомни животни, прочистителна станица и слично. Но граѓаните им укажале и дека идната власт треба повеќе да се грижи за стандардот на штипјани и проблемот со непочитување на работничките права. Кристина Ампева од Гласен Текстилец вели дека анализирајќи ги програмите на партиите за овие локални избори наишле на мерки како: отпис на стари долгови за ранливи категории граѓани, подобрување на бизнис клима и можности за основање на соспствен бизнис од страна на младите лица, или отворање на повеќе народни кујни. Во принцип вели Ампева недостасува социјалната нишка во програмите, некаде повеќе, некаде помалку. А тие даваат збор дека  ќе бидат доволно гласни како локални организации и активисти се со цел властите да одат надвор од нивните писанија во програмите и ќе продолжат со заложбите локалната власт да биде еднаква за сите.

„Реално Општината, Советот и градоначалникот не можат многу да направат во делот на заштита на работничките права или намалување на сиромаштија освен подобрување на бизнис климата, односно, отворање на работни места кои ќе допринесат за конкуренција на пазарот на трудот, а со тоа и зголемување на плати. Важно е функционирањето на Локален економско – социјален совет кој ќе биде сочинет од сите релевантни чинители на локално ниво кое може и мора да предлага стратегија согласно карактеристиките на Општината. Преку искористување на потенцијалот на НВО секторот и здруженија кои претставуваат некоја маргинализирана заедница, пример лица со посебни потреби, да се искористат фондовите кои ни се отворени како држава и да развиваме социјални претпријатија по примерот на тераписката заедница Покров од Струмица. Не треба да измислуваме топла вода, туку да следиме успешни примери. Дотогаш Солидарниот фонд кој беше формиран  во нашата Општина, не треба само да стои за донација на маски и храна, туку референдум каде граѓаните ќе дадат поддршка од сметката за вода од секоја фамилија да се издвојува барем по 10 денари. Тој фонд би бил достапен за итни случаи при операции и лекувања  на наши сограѓани кои не можат да си дозволат, доколку се случи некоја катастрофа, пожар, да имаме итен фонд кој ќе биде од граѓаните за граѓаните. Ете на крајот гледаме дека гласовите ги бараат од работниците, сиромашните, од обичните граѓани , а не од нашите локални олигарси. Еве им  потсетување на било кој градоначалник кој ќе дојде, да размислува и работи за доброто на граѓаните, а не за поединци. А ние како активисти и здруженија ќе бидеме најголема поддршка се со цел намалување на сиромаштијата и подобар стандард во нашиот град. Бидејќи имаме капацитет, имаме знаење, само треба да бидеме слушнати“, вели за Денар Кристина Ампева од Гласен Текстилец.

Официјални податоци по региони или по општини за новото на сиромаштија во Македонија нема. Како важечка стапка од 2019 та е 21,6 отсто. Или математички секој петти жител во земјава е сиромав. Тоа е податок кој е загрижувачки со оглед на фактот што во сиромашни се 19,3 отсто од семејствата кои се составени од двајца родители и две малолетни деца. Вработеноста на граѓаните и не секогаш значи дека се живее добро. Според Џини индексот со кој се мери сиромаштијата, 8,5 отсто од лицата кои се во редовен работен однос живеат во сиромаштија. А стапката на сиромаштија кај пензионерите пак изнесува 7,7 отсто. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП