26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАМНР за протерувањето на македонскиот дипломат во Русија: „Потегот е неоснован и...

МНР за протерувањето на македонскиот дипломат во Русија: „Потегот е неоснован и негативно ќе се одрази на односите“

„Одлуката на руското Министерство за надворешни работи за протерување на дипломатот кој неодамна беше делегиран во Руската Федерација, претставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ. За претходното протерување на рускиот дипломат од Северна Македонија беа доставени евидентирани докази за негово дејствување во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оттука, денешниот потег на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји“, наведе МНР во реакцијата.

Оттука додаваат дека во амбасадата во Москва останува да ги извршува своите обврски вршителот на работите, а наскоро ќе биде упатен и новиот амбасадор акредитиран за Руската Федерација кој ги поминал сите чекори за упатување.

В.Д. амбасадорката на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска, денеска била повикана во руското МНР, каде ѝ била врачена нота со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за „персона нон грата“, информираа преку социјалните мрежи од амбасадата на Русија во земјава.

„Мерката е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за ‘персона нон грата’ донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година“, појаснуваат од руското дипломатко претставништво.

Случајот од август беше втор случај годинава руски дипломат да биде протеран од државата.

Министерот Бујар Османи во таа пригода рече дека информацијата е од доверлив карактер и не може да даде детали за причината за протерувањето.

Претходно на 18 мај годинава Северна Македонија прогласи друг руски дипломат за непожелна личност во земјата, согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи.

Тогаш, Русија возврати на 10 јуни соопштувајќи дека дипломат вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва е прогласен за непожелна личност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП