19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАОсветлен домот за стари лица во Прилеп

Осветлен домот за стари лица во Прилеп

Во рамки на програмата „ЕВН Волонтира“ група вработени од ЕВН Македонија деновиве го минуваат своето работно време во поставување на инсталација од над 100 ЛЕД светилки во Домот за стари лица „Кире Крстески – Платник“ во Прилеп. Светилките се обезбедени од страна на австриското Федерално министерство за социјални прашања, здравство, нега и права на потрошувачите со поддршка од невладината организација Локална Акциона Група „Агро Лидер“. Акцијата е планирана да се спроведе од 27 до 29 септември.

На првиот волонтерски ден учествуваа и амбасадорот на Република Австрија во Скопје – г. Георг Вуцас, австриското аташе на Федералното министерство за социјални прашања, здравство, нега и права на потрошувачите – г. Харалд Фугер, претседателот на Управиот одбор на ЕВН Македонија – г. Штефан Петер, како и претставници на ЛАГ „Агро Лидер“ и австриски невладини организации.

„ЕВН е активна компанија во производство на зелена енергија. Освен тоа, ЕВН има и програми за ангажирање и вработување на младите, а воедно се грижи да овозможи инклузија на постарите лица преку вакви проекти.“ рече aвстрискиот амбасадор, г. Георг Вуцас.

Aташето на Федералното министерство за социјални прашања, здравство, нега и права на потрошувачите – г. Харалд Фугер го искажа неговото задоволство од соработката меѓу институциите што го овозможија овој проект. „Проектот за поставување на ЛЕД осветлување во домот за стари лица во Прилеп придонесува за подобрување на условите за живеење во домот, а истовремено и за остварување на „Зелената агенда“.“

Ова е втор пат што вработени од ЕВН волонтираат во домот за стари лица „Кире Крстески – Платник“ во Прилеп. За време на првата акција, волонтерите ги обновија и поправија прозорците со цел да се обезбеди потопол дом за лицата од домот.

„Најголемото наследство што некогаш можеме да го оставиме зад себе е примерот што го даваме преку нашите постапки. Целта на „ЕВН Волонтира“ беше токму ова, да се подигне свеста кај граѓаните и компаниите низ целата земја дека сите сме способни да волонтираме за нешто и да направиме разлика. Најзначајни проекти се тие што придонесуваат во подобрувањето на условите за живеење на граѓаните како и животната средина.“ рече Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г. Штефан Петер, кој веќе неколку пати волонтира преку оваа програма.

Директорот на домот за стари лица, г. Мики Крстев се заблагодари за плодната соработка и донацијата, а г-ѓа Марина Тошеска од ЛАГ „Агро Лидер“ зборуваше за важноста на соработката меѓу институциите во насока на подобрување на квалитетот на живот.

„ЕВН Волонтира“ се спроведува низ целата земја од 2017г. Програмата досега освои две Национални награди за најдобри општествено одговорни практики во Македонија. Вклучувајќи ја и последната акција, реализирани се вкупно 51 акција со над 500 учесници, вработени во ЕВН Македонија.

Трудот на волонтерите од компанијата е насочен кон реновирање на училишта, градинки и установи за згрижување на посебни категории на граѓани, поправка на оштетена електрична инсталација, уредување на јавни зелени површини, чистење и селекција на отпад, организирање на едукативни работилници за деца, пренос на знаење, готвење и слично.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП