20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКрушево станува популарна дестинација за авантуристички туризам!

Крушево станува популарна дестинација за авантуристички туризам!

Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи заедно со градоначалникот на Крушево Томе Христовски, денес во Крушево направија увид на завршените активности поврзани со потпроектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристичкиот туризам во Крушево“ кој се имплементира во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) и е финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија.

Ја посетија реновираната спортска сала, карпата со ѕидови за болдеринг и клајмбинг, и обележените велосипедски патеки со вкупна должина од 40 км. Заменик Претседателот на Владата беше информиран и за поставените сувенирници на Гумење, за опремена и обучена спасувачка служба што исто така беше дел од потпроектот Кругот на адреналинот.

Целта на овој потпроект е зајакнување на туристичките потенцијали на Крушево, и проширување на понудата со адреналински туризам.

Љубителите на адреналинот веќе го препознаваат Крушево како врвна дестинација за туризам, поради погодната клима и атрактивните предели во регионот кои отвораат многу можности за уникатни приказни и авантури. Со новата инвестиција од ПЛРК, опциите за адреналински туризам дополнително се зголемуваат, а од Општината сметаат дека тоа ќе придонесе и кон привлекување на повеќе туристи во овој регион.

Оние посетители кои сакаат подобро да се запознаат со природата на Крушево сега ќе можат да го истражуваат овој крај многу полесно, со новите обележани велосипедски и пешачки патеки, каде се поставени и информативни табли и знаци кои ќе им помогнат на посетителите полесно да се ориентираат во околината.

“Да се биде во Крушево навистина е задоволство. Во град каде секоја уличка, дуќан, куќа, раскажува своја приказна, и има богата историја. Место каде отсекогаш сложно живееле различни националности, кое зрачи со својата автентична архитектура и култура, а истовремено е опкружено со природни убавини. Крушево отсекогаш било интересно за туристите, Но ние проценивме дека неговиот туристички потенцијал е многу поголем! Дека ако се зајакнат постојните туристички капацитети, и се креираат нови содржини, ќе биде уште поатрактивно за туристите не само од земјава и регионот туку и пошироко. Учеството на Туризмот во создавањето на БДП може да биде многу поголемо. Имаме навистина голем туристички потенцијал кој треба само да се поддржи. Крушево со својата историја и уникатност е навистина интересна дестинација, која сега благодарение на овој проект добива нови интересни содржини. Вкупниот буџет за потпроектот изнесува 45.939.080,00 денари, од кои 39.737.304,00 денари се обезбедени од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, а 6.201.776,00 денари беа инвестирани од страна на Општина Крушево. Благодарение на овој проект се реновираше спортската сала, на која дополнително се поставени и ѕидови за болдеринг и клајмбинг. Се заврши и инсталацијата на системот за греење и ладење во спортската сала во Крушево со цел да се озвозможи функционалност на салата во текот на целата година. За љубителите на природата, обележавме велосипедски и пешачки патеки со вкупна должина од 40 кмОва е еден од 57-те проекти низ целата држава, кои имаат за цел да го зголемат учеството на туризмот во локалниот економски развој”, изјави Фатмир Битиќи Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања.

„Благодарение на проектот успеавме да ја збогатиме туристичката понуда на општина Крушево со посебен фокус на активниот туризам. Сега имаме содржини со кои нудиме активности по примерот на многу балкански и европски дестинации и со тоа ја зголемуваме локалната и регионалната конкурентност. Резултатите се евидентни најмногу по зголемување на посетеноста. Имаме најави за спортски подготовки, за организирање на „аутдор“ фестивали и генерално повеќе активни туристи кои сакаат да ги користат велосипедските патеки, карпите за искачување, спортската сала и другите содржини. Се на се, Проектот е еден од најголемите и најважните за општина Крушево во изминатите неколку години. Овој Проект овозможува долгорочност на општина Крушево како туристичка дестинација“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

Проект за локална и регионална конкурентност

Проектот за локална и регионална конкуретност е водечки проект за развој на туризмот во државата преку кој се поддржани 57 потпроекти кои ги спроведуваат општини, микро и мали претпријатија, како и асоцијации кои работат во областа на туризмот во сите 10 туристички дестинации низ земјава. Целта на проектот е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.

Проектот за локална и регионална конкурентост е финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, се администрира од страна на Светска Банка, а се спроведува од страна на Кабинет на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП