19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАКрива Паланка – уште една општина со паметно улично осветлување

Крива Паланка – уште една општина со паметно улично осветлување

Македонски Телеком го спроведе проектот што ќе овозможи 80% заштеда и заштита на животната средина

Уште една општина во Македонија ја започна трансформацијата во паметен град со поставување паметно улично осветлување. Во Крива Паланка поставен е систем со над 2000 светилки коишто се вклучуваат и исклучуваат по потреба, а зад целиот процес стои платформа за паметен град, на која може да се додаваат нови апликации и содржини. Целта е да се обезбеди подобра осветленост на улиците и јавните места за 60%, да се намалат сметките за електрична енергија на општината дури до 80% и значајно да се намалат штетните емисии на јаглерод диоксид во воздухот.

Со оваа активност, Крива Паланка ја започнува трансформацијата во современа и одржлива општина во која квалитетот на живот на граѓанинот е ставен на прво место.

„Досега плаќавме околу 800.000 денари месечно за јавно осветлување, а со новата енергетски ефикасна инсталација, трошоците веќе се сведени на само околу 100.000 денари на месечна основа. Освен што ќе добиеме поквалитетно осветлување, се очекува и дефектите на мрежата за јавното осветлување да се сведат на минимум, бидејќи работниот век на новото осветлување е 100.000 работни часа или околу 20 години. Подобреното осветлување овозможува зголемување на функционалноста на патиштата, особено навечер, што ќе придонесе и за поголема безбедност на граѓаните “, вели градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Паметното осветлување го спроведе Македонски Телеком, чиј систем и технологија се уникатни не само во земјава туку и во регионот, со што оваа општина во источниот дел од земјава испишува нова страница во модерната историја на паметните градови.

„Придобивките од ова решение се огромни, а потенцијалот е уште поголем, затоа што на платформата Паметен град можат бесконечно да се додаваат апликации и нови елементи од интерес за граѓаните и локалната заедница. Решенијата за паметен град се пример за користење на технологијата во служба на граѓаните. Ова би требало да ги мотивира и останатите општини да се приклучат кон дигиталната трансформација, којашто ќе донесе подобар живот, економија и, пред сѐ, здрава животна средина“ – изјави Гоце Митевски, Главен комерцијален директор за деловни корисници од Македонски Телеком.

Освен Крива Паланка, општините Македонска Каменица, Чешиново-Облешево и Василево, во соработка со Македонски Телеком, веќе го применуваат паметното улично осветлување, а се привршува и проектот Скопје – Паметен град, со кој главниот град целосно ќе се трансформира.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП