28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА„Брако“: Најостро ги демантираме шпекулациите чија единствена цел е оцрнување на нашата...

„Брако“: Најостро ги демантираме шпекулациите чија единствена цел е оцрнување на нашата компанија

Велешката компанија „Брако“, која ги изгради модуларните болници во земјава, ги негира обвинувањата за технички проблеми при изградбата на тетовската модуларна болница. Од компанијата изразија длабоко сочувство до семејствата на загинатите луѓе, а на повредените им посакуваат брзо оздравување.

„Нашата компанија, која работи по највисоките стандарди за квалитет, е испорачувач на модуларни префабрикувани контејнери на споменатата модуларна болница, а во интерес на објективно информирање на јавноста, сакаме да потенцираме дека оној дел од работите кои беа наша одговорност при изградбата се реализирани согласно сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет. Пред техничкиот прием, сите позиции на работа кои беа наша обврска се тестирани и проверени, за што впрочем е доказ уредниот технички прием на објектот, кој е потоа предаден во употреба, а согласно ригорозните стандарди на Светската банка како финансиер на проектот, а преку Проектната единица при Министерството за труд и социјална политика.

Забелешките кои се појавиле при техничкиот прием, а кои се споменуваат од дел од медиумите, беа во најголем дел од естетска природа и никако не можат да се поврзат со несреќата, а уредно беа отстранети во зададениот рок а пред пуштање на болницата во употреба. Повикуваме целокупната документација за техничкиот прием да биде објавена од страна на надлежните институции“, велат од компанијата.

Оттаму ги повикуваат сите истражни органи што побрзо да ги расчистат сите околности околу овој трагичен настан и да излезат со детали од истрагата.

„Компанијата стои на располагање за стручна помош, информации и соработка со сите надлежни институции, а со цел да се разјасни случајот во најкус можен рок. На крајот, згрозени сме од манипулациите со овој случај и апелираме и повикуваме, оваа трагедија и губитокот на човечки животи да не се користи како средство за дневно политички и лични препукувања. Најостро ги демантираме сите шпекулации чија единствена цел е оцрнување на нашата компанија, а не откривањето на вистинските причини за трагичниот настан“, додаваат од компанијата.

Од „Брако“ велат дека за сите нови сознанија или информации навремено ќе ја информираат јавноста.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП