Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска одржа редовен координативен состанок со директорите на основните училишта, на којшто беше заклучено дека училиштата се подготвени за започнување на новата учебна година од први септември годинава по новата Концепција и според потребните здравствени протоколи.
„Како што веќе сте запознати, во тек е дистрибуцијата на новите учебници за прво одделение до училиштата, пишувани според новата наставна програма. Навреме ќе бидат достапни и дигиталните материјали за учење за 4. одделение, кои ќе бидат само уште една алатка повеќе во успешното совладување на материјалот. За првпат имаме и навремена испорака на учебниците за останатите одделенија кои ги побараа училиштата согласно договорите, а се однесуваат на останатите одделенија кои годинава не се опфатени со реформата“, рече Царовска.

