19 април, 2024
ПочетнаКОРОНАФилипче: Никого со сила не тераме да се вакцинира

Филипче: Никого со сила не тераме да се вакцинира

Мерките и вакцините се докажано ефикасни, никого со сила не тераме да се вакцинира, изјави министерот за здравство, Венко Филипче по денешниот протест против новите мерки што ќе бидат воведени од утре.

Филипче вели дека протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Мерките кои ги предлагаме, вели Филипче, се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата единствен начин да се бориме против вирусот.

„Ако порано за бенефитот од вакцините слушавме само од вестите од светот или читавме во медицински студии, денеска веќе можеме да го потврдиме, со она што се случува кај нас. Фактот што дури 90 отсто од новозаразените последната недела се невакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните, е недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините. Вакцините освен што се ефикасни, се исто така безбедни. Преку 1.000.000 дадени дози кај нас, без посериозни компликации или несакани ефекти кај ниту еден граѓанин, се непобитен доказ за нивната безбедност. И покрај овие цврсти аргументи про вакцинацијата, таа останува доброволна“, вели министерот.

Според него, секој кој се обидува да прикаже дека се врши наводна присилна вакцинација ја манипулира јавноста. Никој не е присилен на ништо, а обврска на државата е да го штити јавното здравје и да носи мерки, вели тој.

На оние кои се уште се двоумат или одбиваат да се вакцинираат, Филипче им порача да им веруваат на стручните лица и докторите, но и на нивните блиски кои имале искуство со Ковид-19. Заболувањето носи голем ризик, вели министерот, а вакцините го намалуваат тој ризик и до 20 пати.

„Ги гледам англиските фудбалски мечеви кои оваа сезона се играат пред полни трибини исто како пред пандемијата. Тоа е така затоа што процентот на вакцинирани граѓани во Велика Британија е многу висок. Иако таму има висок број заразени, многу малку се хоспитализирани и тоа е целата поента на вакицнацијата. Колективниот имунитет ќе ја намали опасноста од преполнување на болниците и ризикот од тешка форма на болеста. Со тоа, ние веќе ќе се вратиме во нормала. На многу места во Европа веќе е секојдневие да се бара ковид серитификат за влез на различни масовни настани или во угостителски објекти. Тоа никој не го смета за дискриминација, туку одговорност и заштита на јавното здравје. Верувам дека никој не сака, ова да трае вечно. Иако новите соеви носат неизвесност, сепак искуствата од земјите каде има висок процент на вакцинирани лица потврдува дека вакцините се ефикасни и за новите соеви. Друго оружје против вирусот немаме и силно верувам дека сите ова ќе го разберат што поскоро, за да можеме да ја вратиме слободата и да го заштитиме нашето здравје и здравјето на најблиските“, додаде Филипче.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП