28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАЗаев: Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики – политики...

Заев: Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, а не ги рушат

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се обрати на Свечената академија по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор насловена „После Охрид“, во кое истакна дека одбележуваме значајна годишнина од Договорот со којшто беше обезбедена мирната иднина и натамошната демократска изградба на Северна Македонија со еднакво учество на сите нејзини етнички заедници.

Во рамки на панелот каде се обратија и претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, поранешниот генерален секретар на НАТО, лордот Џорџ Робертсон, и поранешните премиери Хари Костов и Владо Бучковски, премиерот Заев истакна дека Охридскиот договор, којшто беше потпишан во партнерство со Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ, стави крај на конфликтот и можеме слободно да кажеме дека е гаранција на мирот, а подоцна го надградивме и унапредивме создавајќи заедница во која граѓаните имаат соживот и меѓусебно почитување и толеранција, заедница во која граѓаните имаат исти или слични визии за подобро утре.

„Охридскиот рамковен договор ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други наши граѓани. Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани, во заедничката ни – Татковина. Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, а не ги рушат. Политики коишто ги сплотуваат граѓаните, а не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината, во нашиот заеднички евроатлантски дом, заедно со другите народи“, истакна премиерот Заев и посочи дека концептот за „Едно општество за сите“ е со силна база и создадовме граѓанска држава со еднакви услови за сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.

Премиерот Заев подвлече дека како држава ги презедовме сите неопходни мерки за градење интегрирано општество кое е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, вклучително и малцинските права, почитување на различностите и се развиваме во заедница во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија, отворена и современа држава која развива интензивна регионална соработка, земја лидер на Западен Балкан.

„Нашата земја гради зрели политики. Наместо конфликти, разговараме за унапредување, за економски напредок во нашата земја и унапредување на добрососедските односи. Заедно со нашите соседи, создаваме „Отворен Балкан“, надминувајќи ги сите препреки и ослободувајќи ги сите идеи за слободно поврзување на сите наши граѓани“, наведе премиерот Заев и додаде дека „После Охрид“ една од најважните придобивки е дека низ дијалог си го организираме животот, заедно, посветени на секоја индивидуа, на секое семејство, на секој граѓанин со комплетната тенденција да постигнеме еднаквост која ќе ги зајакне солидарноста, меѓусебното почитување и помагање.

Тој истакна дека Владата, пред четири години ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше повеќе од една деценија и го донесе Законот за употребата на јазиците, заокружувајќи ги одредбите од Охридскиот рамковен договор. Законот за употреба на јазиците е во рамките на Уставот и овозможува услови за спроведување едно заедничко општество за сите граѓани елиминирајќи ги условите за развивање национализам и обезбедувајќи напредок на државата, со почитување едни кон други, со уважување на правата и потребите на секој граѓанин и секоја заедница.

„А ние имаме што да му подариме и на западниот свет. Тоа е нашиот начин – како најдовме решение на горливи прашања, како тоа го организиравме, како тоа го осовременуваме и усовршуваме почнувајќи од Охридскиот договор и поттикот од тој договор за постигнување на другите два договори, оној со Бугарија и секако Договорот од Преспа. Дијалогот, дипломатијата, меѓусебното разбирање, солидарноста и тоа како можеме да ги споделиме и да им ги поклониме на многу поразвиени земји коишто за жал ги имаат предизвиците кои еве Северна Македонија ги имала многу поназад“, нагласи премиерот Заев и посочи дека и токму деновиве, кога како и во поголемиот дел од Европа нашата земја ја зафатија пожари, солидарноста, заедништвото и пријателството беа покажани на дело на највисоко ниво.

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во своето обраќање истакна дека Охридскиот рамковен договор донесе рамнотежа да се живее заедно и да живее еднакво.

„Само еднаквите можат да живеат заедно. Оваа рамнотежа во општеството ја наоѓам од сите познати политички системи на државен поредок само во демократијата, каде што вредноста и достоинството на секој човек се препознаваат, секој е еднаков, мнозинството предводи со права за сите, компромисот и индивидуалната слобода се вреднуваат. И токму тука ја наоѓам суштината на еднаквоста, во демократијата“, истакна првиот заменик-претседател на Владата Груби.

Тој наведе дека ниту една заедница, ниту еден граѓанин не загуби од овој балансиран однос, но сите заедници, сите граѓани имаа корист и најголем победник е нашата заедничка земја, од земја во војна, во земја членка на НАТО и со зелено светло за членство во Европската Унија.

„Денес, драги пријатели, заедно со моите колеги, правиме напори да ја интегрираме нашата заедничка земја во Европската Унија и работиме да го направиме подобар животот за сите наши граѓани, без ниту една единствена разлика. Нашиот предизвик „По Охрид“ е владеење на правото, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, прифаќање на разновидност и вклученост, кредибилни демократски институции и квалитет на живот преку прифаќање на зелената агенда“, истакна првиот вицепремиер Груби и дополни дека „да не беше Охрид, немаше да ја биде Преспа, ако не беа и двете, немаше да го имаме НАТО, но не смееме да застанеме тука и мора да смогнеме сила да го спроведеме и третиот договор со истата храброст и посветеност што ја запечатува нашата европска иднина“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП