25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГошев: Јавниот долг на Македонија надминува 45 проценти

Гошев: Јавниот долг на Македонија надминува 45 проценти

Во последните години, Македонија троши повеќе од она што нејзината економија може да го создаде. Вкупниот долг на државата расте. Задолженоста на Македонија има постојан тренд на зголемување, а парите за враќање на долгот кои треба да бидат обезбедени од капацитетите остануваат на ниско конкурентно ниво и се без услови на раст. Овој заклучок беше донесен на денешната трибина со наслов: „Чии се нашите пари?”, организирана во рамките на одбележувањето на 20-годишнината од работата на Фондацијата Отворено општество.

Екс-гувернерот на Народната банка, Петар Гошев, истакна дека јавниот долг е многу поголем од 30 проценти од БДП, колку што нѐ информира Министерството за финансии, и доколку во него како што треба според дефиниција, се вкалкулираат долгот на општините, јавните претпријатија, Народната банка и новите задолжувања на државата во висина од 300 милиони евра за буџетскиот дефицит, тој ќе надмине 45 проценти од БДП. Тој истакна дека овој јавен долг е неодржлив, и денес, бидејќи Владата нема доволно приходи во Буџетот за да ги отплаќа долговите, мора постојано да се задолжува. Гошев тврди дека освен во земјата, Владата почнала да доцни и со исплаќање на долговите во странство, што покажува симптоми на голема неликвидност.

Петар Гошев, поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, укажа на беспримерно зголемување на администрацијата, притисоци врз јавните претпријатија и регулаторните тела, менување на урбанистичкиот лик, и гледање во минатото. Се величат, рече Гошев, личности кои биле минорни или контраверзни, а нема ниту една цена на секој проект поединечно.

Рече дека не се вистинити тврдењата, дека сме ниско или средно задолжена земја, туку дека тоа е само за пропагандни цели. „Нашиот долг е неодржлив“, рече Гошев, тој е над 3 милијарди и е 45 проценти од БДП.

Професорот од Економскиот факултет, Трајко Славески, кој беше министер за финансии токму во времето кога Гошев беше гувернер, не се согласи со тврдењата дека јавниот долг е неодржлив.

„Не е точно дека јавниот долг е неодржлив и за тоа имаме потврда и од сите меѓународни финансиски институции. Јавниот долг изнесува околу 30 проценти од БДП, како што всушност објавува и Министерството за финансии, а порано тој долг достигна и до 48 проценти од БДП па не банкротиравме. Многу работи ќе зависат од разрешувањето на оваа глобална криза на која не ѝ се гледа крајот, па затоа пораката до Владата би била дека нема повеќе простор за задолжување, и нашата црвена линија е всушност границата за јавен долг од 40 проценти од БДП“, изјави Славески. Проблем, според него, е тоа што државната администрација нема капацитет да создаде услови за трошење на испланираниот буџетски дефицит, и затоа со години има лоша реализација на капиталните инвестиции.

Професорот Ванчо Узунов од Правниот факултет, потсети дека странските експерти укажуваат дека секоја влада мора да биде ставена во демократски стеги, бидејќи контролата врз финансиското работење ќе спречи анархија во трошењето.

Гошев дополнително ја критикуваше и изградбата која се одвива само на локалните патишта, а автопатите се запоставни.

„Нашето водство вели дека лепењето по неколку сантиметри асфалт на постоечките локални патишта има приоритет пред автопатите, бидејќи повеќе луѓе минувале по локалните отколку по магистралните патишта, вели Гошев, и додава дека тоа без друго претставува или колосално незнаење или колосално мајтапење со целата нација. Повеќето луѓе поминувале по локалните патишта одошто по магистралните во поранешниот Советски Сојуз, во Романија, во времето на Чаушеску, кога никој не смеел да отиде од местото на живеење и работа во друго место и за тоа морале да имаат специјална дозвола. Тогаш повеќе луѓе минувале повеќе по локалните одошто по магистарлните патишта, во сите други нормални ситуации и демократски држави тоа не е можно“ изјави Петар Гошев.

Исто така, беа побарани и строги санкции за оние кои ги прикриваат податоците за вкупните долгови на државата, заклучувајќи дека граѓаните имаат право да ги знаат задолжувањата на државата бидејќи долгот претставува и нивна обврска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП