19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗакрепнувањето на германската економија ќе потрае малку подолго

Закрепнувањето на германската економија ќе потрае малку подолго

Најголемата европска економија годинава ќе порасне за 3,3 проценти, проценува Институтот, намалувајќи ја проценката во март за 0,4 процентни поени.

Следната година, активностите треба да се забрзаат до 4,3 проценти, што е за 1,1 процентен поен повеќе отколку што беше предвидено во текот на раната пролет.

Германската економија ќе расте послабo годинава отколку што се очекуваше поради проблемитe со снабдувањето што ја попречуваат индустријата, но силното закрепнување е само малку одложено, сè до 2022-ра година, објави во средата Институтот „Ифо“.

„Економијата ќе биде попречена на краток рок од недостиг на снабдување со примарни производи на прво место“, објасни Тимо Волмерсхаузер, економист во Институтот.

Германските производители на автомобили „Volkswagen“ и „Daimler“ во вторникот објавија дека повторно ќе го скратат работното време во некои погони поради недостиг на полупроводници.

„Опоравувањето, што само по себе е силно заради отворањето на економијата, ќе потрае само малку повеќе време отколку што очекувавме во март“, нагласи Волмерсхауезер.

Проценките на „Ифо“ се помалку оптимистички настроени од проценките на централната банка, која предвидува раст на активноста од 3,7 проценти за оваа година. Во 2022-ра година, според нив, активностите треба да се забрзаат до 5,2 проценти.

За разлика од „Бундесбанк“, Институтот очекува малку послаба поддршка за потрошувачката на домаќинствата, бидејќи многу потрошувачи веројатно нема да ги потрошат веднаш сите заштеди од пандемијата, објаснува економистот на „Ифо“.

Опоравувањето од падемијата со Ковид-19 и тесните грла во снабдувањето со чипови, дрва и други материјали истовремено ги зголемуваат цените, така што инфлацијата ќе скокне на 2,6 проценти во оваа година, од 0,6 проценти во 2020-та година, проценуваат во „Ифо“. Во 2022-ра година растот на цените треба да забави за 1,9 проценти.

Силното закрепнување веројатно ќе ја зголеми домашната побарувачка, а со тоа и увозот, кој треба да расте посилно од извозот во оваа и следната година.

Ова ќе и помогне на Германија да го намали големиот суфицит на тековната сметка, изразен како учество во БДП-то, на 5,8 проценти во оваа година и 4,9 проценти во следната година, за прв пат по многу години да се спушти под пропишаниот „плафон“ во ЕУ, забележува „Ифо“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП