20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнтервју со Д-р Златко Муцунски, Генерален Директор на Порше Македонија

Интервју со Д-р Златко Муцунски, Генерален Директор на Порше Македонија

Кризата од пандемијата Ковид – 19 силно удри по автомобилскиот бизнис. Долготрајните затворања во 2020 година предизвикаа голем пад на продажбата. Првиот квартал од 2021 година ги донесе првите позитивни сигнали за опоравување. Како се справија со предизвиците и што се очекува во иднина, разговаравме со Д-р Златко Муцунски, Генерален Директор во Порше Македонија.

Денар: Господине Муцунски, вие сте долги години во автомобилскиот бизнис. Дали пандемијата Ковид – 19 е еден од најголемите предизвици со кои сте се соочиле во Вашата кариера и како Порше Македонија се справи со истата?

Пандемијата со Ковид-19 е развој на ситуацијата што никој не го очекуваше ниту посакуваше, вклучувајќи нè и нас во Порше Македонија. Но, пандемијата се случи и сеуште е актуелна. Проблемот го препознавме како критичен уште од самиот почеток и соодветно пристапивме кон справување со него. Очекувавме голем потрес во работењето, што во првите три месеци од почетокот на пандемијата и се случи. Продажбата, испораките на возила, посетите на сервисите и финансиските текови значително се намалија. Можам да кажам дека единствено духот на нашиот тим остана непроменет. А така беше затоа што нашиот тим со Порше го градевме и развивавме 15 години, а со добар дел од јадрото на тимот и многу подолго. И сите бевме подготвени да се соочиме со предизвикот. Веднаш воведовме строги правила на однесување во пандемија до кои што и денес без исклучок се придржуваме. Од првиот ден обезбедивме средства за заштита на вработените и на клиентите (специјални протоколи, паравани, маски, визири) и мерките ги комунициравме со нашите клиенти. Снимивме соодветни едукативни видеа, организиравме платформа за on-line продажба на нашите автомобили, ги превземавме возилата за сервисирање од домовите на клиентите и ги враќавме назад, притоа строго почитувајќи ги мерките за безбедност. Клиентите тоа го препознаа и брзо почнаа да ни се враќаат. Задоволство ми е да нагласам дека Порше Македонија ниту еден ден не ги затвори вратите за нашите клиенти и секогаш им беше на целосно располагање. Дополнително, грижата за вработените не изостана, Порше Македонија ниту еднаш не задоцни со исплата на платите на нашите вработени. Пандемијата секако е најголемиот предизвик со кој сите ние се имаме соочено до сега. Ситуацијата сеуште е исклучително сериозна, но сите сме на висина на задачата и знам дека ќе успееме да го пребродиме и овој предизвик.

Денар: Порше Македонија е лидер по продажба на македонскиот пазар, позади која стојат многу задоволни клиенти. Кои се главните фактори за задржување на довербата на клиентите?

Огромната посветеност, ентузијазам и љубов кон областа во која работиме и кон нашите брендови, производи и услуги и максималното почитување на секој одделен клиент – ние клиентите никогаш не ги ставаме на задно седиште, туку се секогаш рамо до рамо со нас со целосна почит и внимание ги слушаме и настојуваме да одговориме на сите нивни барања и потреби. Таму каде што за некого завршува бизнис-приказната, а тоа е предавањето на клучевите од новиот автомобил, таму за нас започнува личната приказна во која заедно со клиентите градиме историја базирана на доверба.

Денар: Фолксваген, Ауди, Порше, Шкода, Сеат… Порше Македонија во своето портфолио ги поседува едни од најатрактивните марки на автомобили. Што најмногу се бара од клиентите?

Клиентите најмногу бараат мобилност, безбедност и безгрижност, а ние тоа им го обезбедуваме. Соодветно на индивидуалните желби и потреби, се бараат сите модели што ги нудиме. Во моментот барањата на клиентите најчесто се исполнуваат со СУВ моделите, но исто интересни и барани се и елегантните лимузини и малите градски возила. Под своја закрила имаме неколку моќни брендови и со тоа широка палета на возила па така за сечии интереси и потреби имаме соодветна понуда. И додека кај индивидуалните клиенти вкусот и дизајнот играат важна улога, кај Флотните клиенти – Компаниите, најважен е квалитетот на возилата и нивната надежност, развиената сервисна мрежа и стручниот персонал.

Шкода Карок и Камик, Фолксваген Тигуан и Т-Рок, СЕАТ Атека и Арона, Ауди Ку5 и Ку7, новиот Фолксваген Кеди, Голф 8, новата Октавија…долга е нашата листа на најбарани модели.

Денар: Колку увозот на половни возила влијае на продажбата на нови возила во Македонија?

Пазарот на половни возила од 2010 наваму влијае многу негативно на продажбата на нови возила. Толку, што веќе во 2011 или 2012 македонскиот пазар почна да станува препознатлив како пазар на половни возила. Пред 2010 беше токму спротивното. Да нема недоразбирање, нам не ни пречи пазарот на половни возила како концепт – и Порше Македонија во својата понуда вклучува употребувани возила – но само проверени и со потврдено потекло, за разлика од 80% од остатокот од понудата во Земјата. Во изминатите 5-6 години е забележлив трендот на купување половни поголеми возила со многу изминати километри, наместо помали нови. Токму ваквата пракса најмногу влијае врз продажбата на нови возила, но ваквата пракса почесто е погрешна отколку исправна, што се потврдува при првото соочување со поголем редовен сервисен зафат, сосема нормален кај возило со многу изминати километри. Потсетувам дека во потрагата по автомобил што е „како нов“ премногу често постои алтернатива во форма на автомобил што е реално и едноставно нов. Без како и без наводници. Со нашата сестринска компанија Порше Лизинг на клиентите им нудиме финансиски пакети кои ги прават нашите нови возила достапни за секого, а клиентите добро ги знаат бенефитите од ново наспроти половно возило.

Денар: Сведоци сме на една транзиција во автомобилскиот свет. Електрификацијата на автомобилите е во полн ек. Каква е понудата на Порше Македонија од гамата на овие возила?

Нашата понуда на електгрични автомобили постои уште од 2012 година кога започнавме да продаваме Порше Панамера и Порше Кајен плаг-ин хибрид. Во 2015 ја испорачавме првата флота на електрични возила Фолксваген ап во Македонија. Во 2016 пристигнаа првите електрични Голфови, а во 2019 Пасат ГТЕ. Во моментот најактуелни се Фолксваген ИД.3 и ИД.4, во подготовка се Шкода Ениак, СЕАТ Ел-борн и е-трон моделите на Ауди, а за најекстремните барања веднаш e достапен Порше Тајкан. Ваквиот избор ја прави нашата понуда комплетна и соодветна за сечие барање. Значи – комплетно сме подготвени за иднината…

Денар: Дали има интерес и каков е менталитетот на купувачите во Македонија во однос на електричните автомобили? Дали цената е пресудна?

Интерес за електричните автомобили има, иако сеуште е во зачеток. Нашиот просечен купувач сака да купи проверен и докажан автомобил. Електричните возила се проверени и повеќе од очекувањата на купувачите, но им треба малку време да се докажат во позната околина. Дури потоа може да очекуваме забрзан раст на нивната продажба. Цената секако дека игра пресудна улога. Добро е што нашите електрифицирани автомобили имаат многу слична цена со нивните споредливи алтернативи движени со мотори на внатрешно согорување. По надминувањето на првиот предизвик-изборот на електричен наместо „класичен“ автомобил, ценовната предност во текот на експлоатација на возилото е целосно на страна на електричните автомобили. Вака е заради нивното многу поевтино одржување и многукратно пониските трошоци за погонска енергија, што неретко можат да се сведат и на нула, заради присуството на полначи на кои полнењето за сега не се наплатува.

Денар: Каква е инфраструктурата во Македонија, колку заостануваме зад европските градови и колку државата треба да придонесе на патот кон електричната мобилност?

Инфраструктурата за поддршка, пред се за полнење на електричните автомобили во Македонија е сеуште скромна, но постои и се развива. Простор за развој, т.е. за зголемување на бројот на полначи има многу и очекуваме тоа набрзо да се случи. Она што најмногу недостига се супербрзи полначи на главните патни правци. Турбо DC полначи какви што ние во Порше Македонија – како први во нашата Земја веќе поставивме во кругот на нашата фирма за наши потреби. Дали заостануваме во однос на европските градови и колку државата треба да придонесе на патот кон електричната мобилност не можеме конкретно да кажеме. Ние сме деловен субјект во приватна сопственост и во нашата природа е да се прилагодуваме на реалното опкружување. Но двете работи природно ќе се следат – со зголемување на бројот и капацитетот на полначи, ќе се зголемува и бројот на електрични возила на нашите патишта, а придобивките по заштитата на околината ќе бидат огромни.

Денар: Какво е Вашето гледиште за иднината во автомобилската индустрија и дали С. Македонија може да ги следи трендовите?

Автомобилската индустрија во светот се менува во насока на забрзана електрификација. Напуштањето на моторите со внатрешно согорување станува се поизвесно, иако е нереално да очекуваме тоа да се случи за 5 или 10 години. Тоа што најмалку го посакуваме е да се претвориме во надалеку прочуена „депонија“ на многу дотраени и стари автомобили од цела Европа. На среден рок очекувам избалансирано учество на сите класични и нови погонски концепти, со тенденција новите електрични или електрично базирани погонски концепти потоа да почнат да стануваат доминантни. Македонија е пазар кој не смее да се потцени. Имаме повеќе од доволно исклучително информирани потенцијални купувачи што можат и сакаат да ја одиграат улогата на потрошувачи-пионери што новите автомобилски погонски технологии ќе им ги доближат на „обичните“ возачи. Нема причина да заклучиме поинаку – Македонија може и мора да ги следи светските трендови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП