20 април, 2024
ПочетнаКОРОНАФилипче: Вакцинацијата оваа недела ќе се одвива со намалено темпо

Филипче: Вакцинацијата оваа недела ќе се одвива со намалено темпо

Вакцинацијата оваа недела ќе се одвива со намалено темпо, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој кажа дека во државата има само 5.000 останати вакцини за прва доза, но уверува дека вакцинацијата нема да сопре оти синоќа стигнале 11.720 дози од вакцината на „Фајзер“.

Филипче рече дека нема точен датум кога ќе стигнат руската вакцина „спутник В“ и кинеската на „Синовак“.

„За ’спутник’ и ’синовак’ сè уште немаме точни датуми кога ќе стигнат. За ’спутник’ беше најавено дека ќе стигне на крајот на мај. Јас вчера разговарав со амбасадорот на Русија, зеде обврска во текот на денот да искомуницира со Институтот во Москва и да ни даде повратни информации. Најавата за пристигнување на вакцините од ’Синовак’ е за почетокот на јуни. Кажаа првата недела, првите десетина дена дека треба да ги очекуваме. Имунизацијата нема да запре, вчера стигнаа Фајзеровите вакцини и тие ќе бидат дистрибуирани во пунктовите. Во текот на неделава очекуваме и други вакцини да стигнат пред сè од Бугарија, а понатаму и од Грција“, рече министерот Филипче.

Додаде дека очекува веќе од следната недела повторно да се достигнува бројката од 12 илјади вакцинирани дневно.

Во текот на неделава министерот Филипче очекува да стигнат 50.000 дози од вакцината на „Астразенека“ од Бугарија и уште 20.000 дози од Грција. Со оваа вакцина кај нас се вакцинираат само лица над 60 години. Забраната за вакцинирање лица помлади од 60 години со „Астразенека“ останува сè додека не се утврди дека е безбедна.

Исто така, во првите десет дена од овој месец се очекуваат 500.000 дози од кинеската „синовак“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП