20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАСобранието и Владата разменија искуства за поефикасно да ги поддржат граѓаните при...

Собранието и Владата разменија искуства за поефикасно да ги поддржат граѓаните при следната криза

Пратеници од различни релевантни комисии, како и собраниска и владина служба деновиве учествуваат во виртуелна симулација со експерти од Швајцарија и САД, со цел да стекнат знаење што ќе им помогне поефикасно да ги поддржат граѓаните при следната криза. Онлајн-настанот насловен „Подготовки за следната криза: Развивање на поефикасен систем за управување со кризи“ е организиран од Националниот демократски институт и е дел од швајцарската „Програма за парламентарна поддршка“. Меѓу учесниците, повеќе од 50 на број, беа претставници на владини министерства и институции, канцеларијата на претседателот на Републиката, граѓански организации и донаторската заедница во земјата.

– Преку дводневната анализа на постојната состојба и досега уредениот начин на справување со криза, улогата и одговорноста на секоја институција во иднина, а особено надзорната улога на Собранието, како и идентификување на точките за подобрување, верувам дека ќе дојдеме до вредни и сеопфатни одговори со цел подобро справување со евентуални кризи што би можеле да ни се случат во иднина – истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Зоран Нечев од Институтот за демократија ги презентира начините на функционирање на системот на Северна Македонија за време на криза, додека д-р Ен Филипс и пензионираниот полковник Џим Руф детално се осврнаа на системот на САД, додека д-р Роланд Болин го сподели своето мислење за системот на Швајцарија. Локалните практичари и членовите на граѓанските организации ги споделија своите проценки за системот за управување со кризи во Северна Македонија и исто така ги разгледаа системите за управување со кризи во Швајцарија и во САД.

– За сите држави во светот, Ковид-19 пандемијата е ситуација без преседан, и затоа е неопходно од оваа криза да излеземе со сознанија и искуства што ќе ни помогнат во идните. Од секоја криза, како што е редот, и од оваа треба да извлечеме поуки и да ги преточиме искуствата и знаењата во секогаш подготвен и одржлив систем за управување со кризи и да воспоставиме формални механизми за надзор и контрола во вонредна состојба – рече Зоран Заев, претседателот на Владата.

Во текот на симулацијата, учесниците ги испитаа надзорните функции на Собранието, вклучително неговите клучни одговорности, структури и работни процеси во сите фази на кризата – пред, за време и по неа – и идентификуваа потенцијални области и активности што можат да се подобрат. Тие ги анализираа постојните процеси за кризен менаџмент и ги разјаснија улогите и одговорностите во архитектурата за управување со кризи. Дополнително, учесниците ги оценија барањата на извршната власт од Собранието за подобрување на националниот процес на управување со кризи и идентификуваа начини за подобрување на надзорот на националните процеси за управување со кризи.

– Преку нашите заеднички напори за добро управување, македонските институции треба да спроведат транспарентно и ефикасно донесување одлуки и родово одговорно буџетирање. Има многу лекции што треба да се извлечат од изминатата година и половина, бидејќи земјите ширум светот беа под притисок на социјалните, економските и политичките ефекти на пандемијата. И Швајцарија и Северна Македонија не беа имуни на овие предизвици. Сега повеќе од кога било, јавните службеници мора да разберат како безбедно да се вклучат во креирање инклузивни политики и надзор за решавање на предизвиците на управување поврзани со кризи. Ние охрабруваме отворена и искрена размена за да се идентификуваат начините на Собранието и извршната власт да ги зајакнат своите процеси за управување со кризи и позасилена вклученост на граѓанското општество – изјави швајцарската амбасадорка Сибил Сутер.

Магдалена Лембовска, Зоран Нечев и Џим Руф неодамна објавија извештај во кој се анализира одговорот на управувањето со Ковид-19 кризата во Северна Македонија. Еден од најзначајните заклучоци на овој документ е дека на стратешко ниво, треба да се донесе сеопфатна „Стратегија за национална безбедност“ преку транспарентен и партиципативен процес, во согласност со последните измени и дополнувања на Законот за одбрана од февруари 2020 година.

– Демократското управување е клучно за справување со пандемиите и следните кризи. Според анкетите на НДИ во 2020 година, граѓаните очекуваа соработка и консензус за заштита на јавното здравје за време на Ковид-19 кризата. Двајца од тројца анкетирани граѓани во Северна Македонија претпочитаа демократско споделување моќ и креирање консултативни политики како стратегија за справување со Ковид-19. Креирањето ваква политика го претпочитаат мнозинството анкетирани граѓани, дури и доколку тоа го забави одговорот на кризата. Проценката на НДИ е дека надминувањето на основните дефицити во управувањето може да се постигне со: зајакнување на демократските институции; промовирање партиципативно и инклузивно донесување одлуки; зајакнување на ефективни комуникации и спротивставување на дезинформациите; борба против Ковид-19 корупција, како и спречување на насилството врз жените и девојчиња – рече Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на НДИ.

Преку проширување на поимот за безбедност, новата стратегија треба да се заснова на проценка на ризици и да следи акционен план за градење отпорност кон разни безбедносни закани. Во овој контекст, Собранието треба да има активна улога не само во усвојувањето на документот, туку и во надгледувањето на неговата имплементација. Правните празнини откриени при реакцијата на пандемијата со Ковид-19 треба да се решат со усвојување соодветна правна рамка за вонредната состојба, опфаќајќи прашања како што се јасно дефинирање на улогите и одговорностите на институциите, процес на донесување одлуки, надзор и контрола.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП