Високиот крвен притисок е многу честа здравствена состојба која треба да се смета за сериозна прикриена закана за здравјето. Уште се нарекува и тивок убиец, затоа што не предизвикува забележливи симптоми или предупредувачки знаци се додека не се развијат компликации.
Покачениот крвен притисок, кој се означува со терминот хипертензија, го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар, па дури и проблеми со бубрезите.
Хипертензијата се карактеризира со систолен крвен притисок (високата вредност) над 140mmHg и дијастолен крвен притисок (ниската вредност) над 90mmHg.
Според податоци на Светската здравствена организација, на глобално ниво една милијарда луѓе имаат висок крвен притисок и ситуацијата само се влошува. Се проценува дека до 2025 година 1,8 милијарди возрасни лица ќе живеат со хипертензија.
На луѓето кои страдаат од хипертензија често им се потребни лекови за регулирање на крвниот притисок. Но, промените во начинот на живот и исхраната можат значително да придонесат за подобрување на состојбата. Многумина успеваат на природен начин да го контролираат крвниот притисок и кај нив исчезнува неопходноста од употреба на медикаментозна терапија. Еве неколку ефективни природни начини за регулирање на крвниот притисок:
-Консумирајте банани
-Умерено консумирајте темно чоколадо со минимум 70 проценти какао
-Намалете го внесувањето на сол до 5 грама дневно
-Вежбајте 30 минути во повеќето денови од неделата
-Одржувајте здрава телесна тежина и внимавајте на обемот на половината
-Уживајте со мала количина алкохол и никогаш не претерувајте
-Заборавете на цигарите и не станувајте жртва на пасивното пушење
-Намалете го кофеинот, не пијте повеќе од две кафиња дневно
-Релаксирајте се со класична музика
-Намалете го стресот
Поради фактот што високиот крвен притисок не покажува симптоми, многу се важни редовните мерења. Особено внимателни треба да бидат луѓето кои страдаат од дијабетес, затоа што 60 проценти од нив имаат и висок крвен притисок.