Во периодот од 01.01.2020 до 31.12.2020 година, НЛБ Банка АД Скопје оствари нето добивка на износ од 1.704.271 илјади денари или околу 27,7 милиони евра.
И покрај променетите деловни услови, Банката во 2020 година продолжи со активности за зголемување на понудата за клиентите со нови продукти и платни сервиси. Од август на клиентите во понуда е МКлик мобилен кредит, целосно дигитализиран кредит преку мобилната апликација на Банката, како и потрошувачки кредити за енергетска ефикасност за физички лица и кредити за регионална конкурентност за мали и средни претпријатија од кредитната линија на ЕБРД. Во месец август Банката ја прошири деловната мрежа со нова Експозитура – Тафталиџе во Скопје, додека пак на сите свои клиенти им овозможи електронско ажурирање на личните податоци. Навремената и брза реакција и донесе на Банката значајни постигнувања како: вредност на вкупна актива над 96,5 милијарди денари (1,5 милијарди евра), вкупно бруто кредити над 57 милијарди денари (940 милиони евра) и вкупен број на клиенти над 800 илјади. Банката активно учествуваше во реализација на владините мерки за поддршка и помош на населението, а даде свој значаен придонес кон општеството преку реализација на низа општествено корисни мерки за олеснување на финансиското оптоварување во време на криза, реализирање на успешни проекти и донации на оние кои им беше најпотребно.
Инвестициите во дигитализацијата и новите технологии, подобрениот квалитет на средствата, посветеноста на сите вработени, како и постигнатите извонредни финансиски резултати во 2019 година, во текот на 2020-та беа наградени од:
- Финансискиот магазин ЕМЕА на Europe Banking Awards 2019 каде НЛБ Банка АДСкопје, четврта година по ред, e избрана за Најдобра банка во C. Македонија;
- Финансискиот магазин Finance Central Europe кој ја прогласи НЛБ Банка АД Скопјеза Најдобра банка во Северна Македонија по ROE (поврат на капитал) 2020.
Вкупните приходи од работење изнесуваат 4.505.693 илјади МКД и се повисоки за 1,9% во однос на истиот период претходната година.
Нето каматните приходи, заклучно со 31.12.2020 година се пониски за 1,6% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се пониски за 4,4%, главно поради пониски каматни приходи од секторот нефинансиски правни лица и вложувања во хартии од вредност, додека расходите по камати се пониски за 19,9% главно поради пониски каматни стапки, преструктурирање на изворите во корист на средства по видување и намалување на расходи за субординирани обврски.
Нето приходите од провизии се повисоки за 1,7% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од провизии се зголемени за 0,8% како резултат од зголемени приходи од ПОС терминали и повисоки приходи од брокерско работење поради зголемен обем на тргување со хартии од вредност.
Расходите за провизии се намалени за 0,8%, главно поради одлуката на НБРСМ за времено укинување на надоместоците за вршење на кеш услуги.
Останатите некаматни приходи изнесуваат 469.615 илјади МКД и се повисоки за 32,7% во однос на истиот период претходната година, главно поради остварени повисоки наплати на претходно отпишани побарувања кај нефинансиски правни лица и население, остварена капитална добивка од продажба на превземени средства како и зголемени приходи од курсни разлики.
Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 1.927.863 илјади МКД и се намалени за 0,7% при што трошоците за вработени се пониски за 0,6%, трошоците за амортизација се повисоки за 17,1%, останатите расходи од дејност се пониски за 3,9% во однос на истиот период претходната година.
Заклучно со 31.12.2020, беа издвоени Исправки на вредноста на финансиските средства и вонбилансна изложеност, на нето основа во износ од 673.070 илјади МКД или 57,5% повеќе во однос на истиот период претходната година соодветно на структурата, квалитетот и порастот на кредитната изложеност. Исправките на вредност на нефинансиски средства изнесуваат 47.426 илјади МКД.
Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.