29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнтервју со г-дин Турхан Адеми, извршен директор на Халкбанк АД Скопје

Интервју со г-дин Турхан Адеми, извршен директор на Халкбанк АД Скопје

Високата капитализација, брз одговор на состојбата со атрактивни производи придонесе кризата да нема негативно влијание врз работењето на Халкбанк

Влезени сме во вториот бран на пандемијата со КОВИД-19. Корона-кризата има силен импакт врз економијата. Но, банкарскиот систем и натаму е здрав, стабилен и отпорен на шокови. Како банките се справуваат со предизвиците и кои се очекувањата во иднина, разговаравме со г-дин Турхан Адеми, извршен директор и член на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје.

Денар: Пандемијата постави големи предизвици кои го менуваат бизнисот. Брзината и агилноста станаа клучни, а избраниот пат за дигитализација се покажа како вистинска одлука. Како Банката реагираше на ова? Какви услуги нуди Банката со цел обезбедување на брзо и сигурно работење со клиентите?

Халкбанк како модерна финансиска институција постојано ги следи и применува модерните банкарски текови и е една од предводниците на воведување нови технолошки и информатички трендови во своето работење, обезбедувајќи им на тој начин на клиентите најбрзи, најсовремени и најсигурни услуги. Иако во земјава процентот на онлајн користење на банкарски услуги пред кризата со КОВИД-19 беше далеку помал од она што е просек во развиените земји, ние сепак перманентно вложувавме во креирање производи насочени кон користење дигитални канали. Ова во ситуацијата врзана со пандемијата на некој начин се покажа како добра политика бидејќи веднаш на нашите корисници можевме да им понудиме услуги кои значат избегнување посета на филијали и чекање пред шалтер.

Ограничувањата на движење и препораките за социјална дистанца влијаеа да се сменат навиките на голем број наши клиенти, кои на овој начин можеа да ги увидат сите предности на користење на онлајн услугите. Можеа да се уверат дека од својот компјутер, лаптоп или мобилен телефон можат едноставно да ракуваат со своите финансии. А со тоа и да заштедат средства бидејќи провизиите за користење на услугите кои ги нуди електронското банкарство се пониски од оние кои се наплаќаат доколку се оди на шалтер во банка.

Секој корисник на електронско и мобилно банкарство на Халкбанк преку услугите e-banking и moby banking може да изврши проверка на состојбите на сметките, на кредитните картички, да изврши уплата на средства, нивно префрлање на друга сметка, да врши плаќање комунални услуги, кредити и други дневни трансакции – денарски и девизни, како и креирање шаблони. На овој начин може да се врши и продажба и откуп на девизи, креирање персонални буџети, потсетници за плаќања, да се аплицира за кредит, но и да се отвора орочен денарски или девизен депозит. За оваа цел го креиравме производот Онлајн депозит кој овозможува едноставно штедење од дома.

Дополнително, многу услуги се достапни и преку нашата мрежа на банкомати, со што исто така се избегнува физички контакт со вработени во банката. Нашиот производ Смарт кеш, на пример, кој е и единствен во земјава, овозможува повлекување готовина од АТМ на банката без употреба на картичка, и овде мобилниот телефон се претвора во уред за подигање готовина или префрлање средства на друго лице. Халкбанк беше вклучена и во акцијата „Купувај домашно“ со која многу граѓани кои никогаш немаа користено картички можеа да ги увидат предностите на бесконтактното плаќање.

За правните лица, освен бенефитот што го имаат од користењето електронско банкарство, Халкбанк нуди и можност за отворање е-продавници, што веќе сега, а и во наредниот период, сигурно ќе расте поради тенденцијата за зголемување на понудата за продажба и купување преку интернет.

Дополнително креиравме и проивод HalkPay кој овозможува едноставно и брзо плаќање со мобилен телефон кој станува паричник бидејќи е врзан за дебитната или кредитната картичка на нашиот клиент. Дополнително, за оние кои се во постојано движење или кои спортуваат овозможивме плаќање и со Garmin часовник.

Во целина, има значително поместување во навиките на клиентите за користење на дигиталните канали. Впрочем и Народна Банка неодамна излезе со информација дека по почнувањето на корона-кризата, физичките лица сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во март се зголемил за значителни 30,3% на годишна основа, односно за 21,4% на месечна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле компјутерите. Поконкретно, во март годишниот раст на плаќања извршени преку компјутер изнесуваше околу 26,4%, додека претходно, минатата година во споредба со 2018 година, растот изнесуваше 5,4%. Истовремено, бројот на плаќања преку мобилен телефон е зголемен за околу 45,5% на годишна основа. Граѓаните засилено во март ги користеле платежните картички за купување преку интернет, достигнувајќи многу висок годишен раст од 99%.

Искрено се надевам дека трендот на користење дигитални канали ќе продолжи и во иднина.

Денар: Како вашиот тим, вашите вработени се справуваат со пандемијата?

Халкбанк со почетокот на кризата упати апел до граѓаните да го користат електронското банкарство, односно посетата на филијалите да ја сведат на минимум. За да ја поттикнеме употребата на овие канали со почетокот на кризата извршивме привремено укинување на наплата на провизии на физички лица за сите плаќања во денари направени преку e-banking и moby banking. Оваа мерка, освен што значеше финансиски бенефит, беше воедно и мерка на претпазливост и грижа за здравјето бидејќи се заштитуваат и корисниците на банкарските услуги и вработените на шалтерите.

Во време на најголемата криза, со цел заштита на нашите вработени, во Банката се организиравме така што за низа работни места за кои природата на работата го дозволуваше тоа, овозможивме работа од дома.

Бидејќи здравјето е најважно, во нашите филијали и сега работата е организирана така што обезбедува максимална заштита како на вработените, така и на нашите клиенти.

Денар: Неповолниот развој на економијата во услови на криза секогаш резултира со пораст на нефункционалните кредити. Какво е кредитното портфолио на Банката? Дали е можно некако кризата да се прелее делумно и во банкарскиот сектор?

Иако со стартот на кризата постоеше стравување дека таа може да има негативни ефекти врз банкарскиот сектор, сепак, банкарскиот сектор остана стабилен и доброкапитализиран. Финансискиот систем успешно одговори на првичниот удар од корона-кризата и сметам дека е подготвен да се справи и со натамошни предизвици. Мерката на НБРСМ за нова категоризацијата на нефункционалните кредити, како и овозможување банките да можат да одобрат одложување на кредитните обврски за период од шест месеци и дополнителни 6 месеци за оние кои имаат директни последици од кризата по вкупните примања доведе до тоа граѓаните да се чувствуваат порелаксирано и да нема раст на нефункционалните кредити.

Напротив, како што објави веќе НБРСМ, на крајот на септември, нивото на нефункционалните кредити беше на историски најниско ниво од 3,4%.

Ние засега не чувствуваме пораст на нефункционалните кредити. Освен што на своите клиенти им овозможивме одложено плаќање на обврските, по завршување на овој шестмесечен период, креиравме и нов Потрошувачки кредит со кој излеговме во пресрет на сите оние кои имаат потреба од дополнителни средства. А тука влегуваат и оние кои за своето кредитно задолжување во претходниот период ја користеа првата мерка за одложување на отплатата, а не ги исполнија условите за добивање ново пролонгирање на обврските во второто одложување. Многу граѓани можеби немале намалување на личните доходи, но со оглед на неизвесниот период, чувствуваат страв за својата финансиска стабилност. Токму затоа и креиравме производ со кој можат да бидат порелаксирани. Овој производ е со ниска каматна стапка од само 5% во првите две години, односно 5,5% варијабилна за останатиот период, рокот на отплата е до 120 месеци и нуди можност за грејс период од 6 месеци.

Секако, не ги заборавивме и нашите клиенти од реалниот сектор. Освен што и за нив понудивме мерки кои овозможија одложување на ратите за да ја зачуваат ликвидноста, во наредниот период понудивме можности за дополнително финансирање за потребите на компаниите за обртни средства со овозможување на прилагодливи услови за отплата, согласно природата на бизнисот, како и можност за одобрување на нов кредит за рефинансирање на постоечка изложеност со олеснителни услови.

Денар: Во услови на криза, еден од очекуваните ефекти е намалување на кредитната поддршка заради намалување на побарувачката или воздржаност на банките. Дали монетарните мерки на Народната банка се добри со цел да не дојде до намалување на кредитната поддршка на населението и корпоративниот сектор од страна на банките?

Oва е прва криза во којашто првичниот одговор на Централната Банка беше олабавување, а не заострување на монетарната политика. На пример, за време на глобалната финансиска криза, понискиот прилив на капитал во македонската економијата и тогашната зголемена склоност на економските агенти кон еврото, наметнаа зголемување на основната каматна стапка за да се стабилизираат очекувањата, но тоа доведе до пораст на каматните стапки на кредитите и забавување на кредитната поддршка.

Овој пат е поинаку, веројатно затоа што државата ја дочека корона-кризата со високо и соодветно ниво на девизни резерви и посилни фундаменти на економијата. Банкарскиот сектор е стабилен што се должи на фактот што во годините пред појавата на пандемијата, домашниот банкарски сектор остваруваше здрав и одржлив кредитен раст што се согледува и преку падот на стапката на нефункционални кредити. Со ова на некој начин и се потврдува дека добрата поставеност на банкарскиот сектор значи и негова подготвеност за справување со предизвиците кои ќе следат.

Во овој период излеговме со низа кредитни производи, како за физичките лица, така и за стопанството. Халкбанк е добро капитализирана банка со исклучителни резултати во изминатите години што придонесе да биде најбрзорастечка банка и да стане четврта банка по големина во земјава. Дополнително, како што е веќе познато, со стартот на кризата, нашата матична банка Халкбанк АШ Турција донесе одлука за докапитализација на Халкбанк АД Скопје со 20 милиони евра, токму со цел да бидеме подготвени да се справиме со сите предизвици што ќе ги донесе кризата, вклучително и да продолжиме со кредитирањето.

Практично како одговор на кризата на пазарот понудивме повеќе нови кредитни производи со атрактивни каматни стапки и услови. Веќе го споменав потрошувачкиот кредит, креиравме и посебен потрошувачки кредит за здравствените работници, како и нов станбен кредит со најниска каматна стапка на пазарот од само 3,2% фиксна за првите 10 години. Дополнително, овој производ е со ниска стапка на вкупни трошоци (СВТ) од 3,25% за кредит со рок од 10 години и е БЕЗ трошоци за проценка и БЕЗ трошоци за одобрување. Сите овие нови, да ги наречам „пост-кризни производи“, се одлично прифатени од граѓаните.

Денар: Халкбанк е четвртата најголема банка во Македонија. Во годините наназад, таа е и најбрзорастечка банка на пазарот. Какви се показателите од работата годинава имајќи ја предвид ситуацијата со пандемијата од КОВИД–19?

Високата капитализација, брз одговор на состојбата со атрактивни производи придонесе кризата да нема негативно влијание врз работењето на Халкбанк. Покрај сите шокови, Халкбанк е стабилна и бележи високи стапки на ликвидност, раст на кредитирањето и раст на депозитите. Заклучно со октомври, нашата актива изнесуваше нешто над милијарда евра, што е раст од 12, 67% во однос на крајот на минатата година која ја звршивме со вкупна актива од околу 934 милиони евра. Притоа, со докапитализацијата која со стартот на кризата ја изврши нашата матична банка Халкбанк АШ Турција во износ од 20 милиони евра, нашите сопствени средства во првата половина од годината достигнаа 140 милиони евра.

Во ваква кризна година остваривме значителен раст и кај кредитирањето и кај депозитната база. Вкупните кредити до октомври имаа раст од 13,38% во однос на декември минатата година, односно во апсолутен износ растот на кредитирањето е за околу 82,5 милиони евра. Притоа, кај корпоративниот секор има пораст на кредитирањето од 2,38%, а кај населението за дури 24,03%. Во делот на депозитите исто така имаме значително зголемување. Нашата депозитна база на крајот на октомври во однос на крајот на 2019 година е зголемена за 115,3 милиони евра, што претставува раст од 17,7%. Ваквите добри показатели во работењето се потврда дека производите кои ги понудивме на пазарот наидоа на одличен прием и дека навистина се креирани по мерка на потрошувачите.

Сепак, во целина, кризата се одрази на севкупните финансиски резултати. Па така, на крајот на октомври, профитот на Халкбанк изнесуваше нешто над 7 милиони евра, додека ланската година ја завршивме со профит од 11,4 милиони евра. Ова во најголем дел се должи на фактот што многу наши клиенти и во делот на населние и во корпоративниот сектор ја користеа мерката за одложено плаќање на своите кредитни обврски.

Денар: Халкбанк покажа дека е една од компаниите која е многу посветена кон зголемување на општото добро. Дали ќе продолжите со оваа практика и на кои активности ќе ставите посебен акцент во иднина?

Навистина сум среќен што Халкбанк е препознаена како општествено одговорен субјект кој дава силна поддршка на културата, спортот и особено на заштита на животната средина. Пред една година започнавме со акцијата HalkEco како заедничка акција на Халкбанк и граѓаните за садење дрвја. По една година, горд сум што апликацијата наиде на одличен одзив кај граѓаните чии активности, кои значат здрави животни навики, придонесоа да засадиме 17.000 дрвја во повеќе училишта, но и на локации каде тоа беше потребно, како на пример на опожарениот рид над езерото Младост крај Велес.

Оваа акција денес веќе прерасна во платформа преку која реализиравме повеќе проекти кои се во насока на помош на заедницата и заштита на природата. Тука би ги споменал трката „HalkEco хронометар 10км“ каде Халкбанк беше генерален покровител, првата хронометар велосипедска трка Halk Velo Green која ја организиравме ние, како и помошта која ја дадовме на Град Скопје во која ги реновираме сите мостови во вториот дел од Градскиот парк. Поддршка дадовме и на општина Карпош и во ТЦ Лептокарија веќе е во функција Халк Корнер – едно убаво катче, со зеленило, урбана опрема, систем за наводнување и содржини за деца, кое ќе биде пријатно место за сите кои го посетуваат овој трговски центар. Во рамките на платформата HalkEco неодамна ја поставивме и првата еко автобуска постојка во општина Аеродром, која е опремена со зелен и одржлив покрив и е прва и единствена од ваков вид во земјава. И оваа година дадовме поддршка на Град Скопје во кампањата за спречување на палењето на стрништа којашто ја спроведува Град Скопје.

Халкбанк како исклучително општествено одговорна компанија, ќе продолжи и понатаму да придонесува за подобра животна средина низ целата држава, ќе работи кон поттикнување на здравите навики кај луѓето и ќе се стреми да го подобрува општеството, во целина, за доброто на сите.

Денар: Какви се Вашите очекувања на долг рок?

Во оваа 2020 година влеговме со голем ентузијазам поттикнат од она што го постигнавме во 2019 година, односно рекорден профит од 11.4 милиони евра. Забележавме пораст на активата за повеќе од 10 отсто, го зголемивме пазарното учество и во кредитирањето, а истата растечка тенденција е регистрирана и во делот депозити. И токму затоа и очекувањата беа дека во 2020 година ќе го потврдиме сето она за кое се залагавме – поголеми резултати, среќни клиенти и задоволни акционери .

Иако нештата се изменија поради пандемијата, сепак, и во годинава што изминува се трудевме овие цели да ги исполниме со креирање понуди на производи и услуги според мерката на клиентот. Таканаречениот тејлор-мејд (скроен по мерка) пристап претставува значен дел од нашата организациска култура и ние секојдневно вложуваме напори во наоѓање начини за унапредување на производите и услугите во насока на потребите на клиентите.

Халкбанк АД Скопје има донесено петгодишна стратегија која предвидува во овој период целосно да се имплементира деловниот модел и начинот на работење и функционирање на Халкбанк АШ Турција, што всушност ќе значи континуирано унапредување и воведување новини на македонскиот пазар.

Согласно стратешките планови, Банката има намера да го продолжи растот, а очекувањата се вкупната актива во наредниот петгодишен период да биде со раст од околу 8% годишно и да имаме раст на нето-кредитите околу 8,5% годишно. Во наредниот период очекуваме да се зголеми и учеството на кредитите на населението во вкупното портфолио. Во однос на депозитите од клиенти, исто така очекуваме интензивирање на растот, пред сè, во делот населението. Просечниот раст на депозитите од клиенти во петгодишниот плански период се очекува да биде приближно над 9% годишно.

Задоволството на луѓето, нивната сигурност, економската стабилност и доверба и натаму ќе бидат во преден план. Нашиот слоган „Важни се луѓето” како сублимирана порака на Халкбанк за сите активности од деловното работење или од корпоративната стратегија, останува актуелна и во периодот што следи.

Всушност, стратешките цели на Банката и идната година, но и во годините потоа, ќе бидат задржување на позицијата на една од водечките банки во секторот, остварување стабилен раст и одржливо ниво на профитабилност. Притоа, во фокусот ќе ни бидат малите и средни претпријатија и добрите корпоративни проекти, кои се значајни за економијата и додаваат огромна вредност, но нема да се заборави и населението и неговото кредитирање.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП