16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто имаме режим на стабилен девизен курс на денарот во однос на...

Зошто имаме режим на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото?

Изборот на режим на девизен курс зависи од структурните карактеристики на една економија, кои не се менуваат брзо, а дел од нив и не можат да се променат. Тековниот режим на стабилен девизен курс на денарот кон еврото е адекватен и соодветствува со основните карактеристики на македонската економија. Ние сме мала и отворена економија, со висок степен на трговска и финансиска интеграција со ЕУ (и еврозоната, заради што се таргетира девизниот курс кон еврото), како и релативно висок степен на евроизација. Оттаму, монетарната стратегија на стабилен девизен курс е оценета како оптимална стратегија, којашто може успешно да обезбеди ценовна стабилност, којашто пак е предуслов за економски раст и повисоко ниво на доход во економијата. Народната банка редовно го оценува рамнотежното ниво на девизниот курс, при што досега девизниот курс постојано се движи блиску до неговото рамнотежно ниво. Со други зборови, курсот на денарот постојано е во согласност со нивото што го налагаат економските фундаменти (условите во економијата) и со самото тоа не претставува пречка за остварување економски раст. Оваа констатација за урамнотеженост на девизниот курс исто така редовно е потврдена и во годишните извештаи на Меѓународниот монетарен фонд.

Најчеста аргументација на повремените дискусии во нашата земја коишто се залагаат за поинаков – флексибилен курс, е тоа што курсот може да се користи како алатка за зголемување на конкурентноста и поддршката на извозниците, како механизам за корекција на нерамнотежата во трговската размена. Но, мораме да имаме предвид дека нашиот извозен сектор се карактеризира со висока увозна зависност, што, хипотетички, би значело дека секое намалување на вредноста на денарот истовремено би довело и до автоматско поскапување на сите увозни суровини. Имено, намалувањето на вредноста на една валута значи дека треба да дадете повеќе парични единици од таа валута за една стока, со што стоката поскапува. Бидејќи голем дел од суровините не можат да се заменат со други (почнувајќи од горивата), туку и натаму би морале да се увезуваат, но по повисока цена, краткорочниот поволен ефект врз конкурентноста релативно брзо би бил исцрпен. Од друга страна, намалувањето на вредноста на денарот би довело до штетни последници во повеќе сегменти – повисока инфлација, притисок за раст на платите, а со тоа неповолен ефект врз конкурентноста, понатаму зголемување на ратите на девизните и кредитите со девизна клаузула, што на крајот ќе има неповолни ефекти врз конкурентноста на фирмите, а и директна штета за граѓаните. Многу е веројатно дека нашата економија, како увозно зависна економија, при една ваква ситуација би имала повеќе загуби отколку придобивки.  

Понатаму, треба да имаме предвид дека македонската економија се одликува со високо ниво на трговска размена со странство, којашто значи поголема подложност на надворешното окружување, вклучително и на промените на курсот на домашната валута во однос на странските валути. При флексибилен курс, тоа би значело релативно брзо и значајно пренесување ефекти од промените во девизниот курс врз домашните цени, со оглед на високото учество на производите кои се увезуваат. Променливите и поголеми ценовни притисоци би предизвикале неизвесен амбиент за инвеститорите и би имале неповолно влијание врз економскиот раст. Дополнително, зголемувањето на цените би можело да доведе до раст на платите над нивото на продуктивноста, што би ги зголемило трошоците за производството и би ја влошило конкурентноста на нашата економија.

Друга одлика е тоа што нашата економија е нето-должник кон странство, што претставува и природна карактеристика за земја во оваа фаза на развој којашто има потреба од дополнителен капитал. При флексибилен девизен курс, хипотетичко намалување на вредноста на денарот би довела до повисок износ на задолженост и можна појава на потешкотии за сервисирање на постојниот долг. Истовремено, во услови на сѐ уште релативно високо ниво на евроизираност на нашата економија, промените во курсот би резултирале и со повисока задолженост на населението и фирмите со оглед на застапеноста на вкупните девизни кредити (вклучително и денарските кредити со валутна клаузула) во вкупните кредити.

Имајќи го предвид претходно кажаното, очигледно постојат повеќе предности од одржувањето на стабилен девизен курс на денарот наспроти еврото. Во услови кога нашите извозно-ориентирани сектори истовремено се и високо зависни од увоз, не би можело да се направи точна проценка за тоа дали и во која мерка поединечни сектори би имале  корист од хипотетичката промена на политиката на девизниот курс. Но, тука би истакнале дека задачата на носителите на политиките не е да овозможат користи само на одредени сектори, туку да водат политики кои ќе креираат поволен амбиент за економијата во целина. Дополнително, треба да се има предвид дека флексибилноста на девизниот курс не подразбира само можност за негово движење во правец на депрецијација (намалување на вредноста), туку и во обратен правец, односно негова апрецијација (зголемување на вредноста), доколку има поголеми девизни приливи во економијата.

Сето ова укажува дека стратегијата на фиксен курс во однос на еврото е соодветна за македонската економија. На тоа укажуваат и нашите искуства со епизоди на криза од  минатото, кога се покажа дека задржувањето на стабилноста на девизниот курс беше клучна за брзо стабилизирање на очекувањата на домашните субјекти и со тоа за спречување на поголеми негативни ефекти врз реалниот сектор.

Во пракса, постојат земји кои се одлучуваат за фиксен девизен курс и земји кои се одлучуваат за флексибилен курс, при што изборот зависи од карактеристиките на секоја економија. Независно од режимот на девизниот курс, анализирано во еден подолг период (2000-2018 година), и двете групи земји бележат слични стапки на раст на БДП, а сличен е и просечниот дефицит на тековната сметка како процент од БДП. Покрај ова, би посочиле дека во поново време дебатата околу изборот на режимот на девизниот курс како алатка за подигнување на конкурентноста има сè помало значење во меѓународни рамки. Имено, поради сè поголемата финансиска интеграција на земјите и променливоста на капиталните текови во денешно време, сите економии се поизложени и поранливи на надворешните шокови, без оглед на тоа дали имаат фиксен или флексибилен девизен курс. Во вакви околности, главниот фокус за поттикнување на конкурентноста се става на националните политики за структурни реформи, и тоа на пазарот на трудот, градењето на поволно и предвидливо деловно окружување за водење бизнис, на иновативен и динамичен приватен сектор и на ефикасни јавни институции.

Што треба да знаете за изборот на режим на девизен курс? 

Монетарната политика може на најдобар начин да ѝ помогне на економијата преку одржување на ценовната стабилност, со спроведување на политика на девизен курс којашто е најсоодветна за конкретната економија. Досегашните искуства потврдуваат дека фиксниот курс на денарот во однос на еврото е соодветен за македонската економија. Со одржување на стабилен девизен курс на денарот, економијата се штити од преголеми ценовни флуктуации и раст на долгот во странска валута, се обезбедуваат стабилни пазарни очекувања, а сето тоа е во прилог на обезбедување најповолен амбиент за економски раст. 

Извор: НБРСМ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП