28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПајаците годинава кренале близу 10 000 возила, сообраќајната култура се учи од...

Пајаците годинава кренале близу 10 000 возила, сообраќајната култура се учи од мали нозе!

Неправилно паркирани возила на тротоари или на зелени површини, непочитување на сигнализацијата во сообраќајот, пречекорување на дозволената брзина не само на автопати туки и во градските средини. Ова се најчестите прекршоци кои ги прават возачите во земјава.

Денар анализира зошто граѓаните од Македонија возат многу повнимателно во странство, а дома речиси на секое седнување зад воланот граѓаните свесно или не, прават сообраќаен прекршок.

Податоците на јавните градски и општински претпријатија кои стопанисуваат со паркинзите и пајак службите во Скопје велат дека бројот на подигнати непрописно паркирани возила е навистина голем. Па така од Паркинзи на Град Скопје ни соопштија дека од почетокот на годинава заклучно со средината на септември со специјално возило Пајак, по налог на службени овластени лица од полиција подигнати се вкупно 5035 возила. Надоместокот за сектор Пајак за извршената услуга за подигање на возило од Депо на Сектор Пајак изнесува 2500 денари, а наплата на лице место 1500 денари.

Податоците пак од службата на паркинзи Центар велат дека од први јануари до стартот на септември годинава службата „Пајак“ на ЈП ПОЦ заедно со СВР Скопје санкционираа 2.956 непрописно паркирани возила. Но од ова јавно претпријатие велат дека во споредба со минатите години, оваа година бројот на санкционирани непрописно паркирани возила е драстично намален заради кризата предизвикана од вирусот Ковид-19. Согласно Ценовникот за услуги за отстранување и преместување на непрописно запрени или паркирани возила, хаварисани возила и приколки и нивно чување, ЈП Паркинзи на Општина Центар изрекува санкција од 2.500 денари за непрописно паркирани возила, 3.500 денари за непрописно паркирани возила на зелени површини и 6.000 денари за непрописно паркирани возила на места наменети за лица со посебни потреби.

Побаравме податоци и од Министерството за внатрешни работи, од каде ни соопштија дека на територијата на Република Северна Македонија во првите шест месеци од 2020 година за сторениот прекршок „непрописно запирање и паркирање“ поднесени се вкупно 511 барања за поведување прекршочна постапка, од нив 51 се на подрачје на СВР Скопје.  Исто така, предупредени се вкупно 3.068 возачи, а повикани се 52 учесници на сообраќајна поука.

Сообраќајната култура е специфичен и мошне важен сегмент за безбедно функционирање и развивање на сообраќајот и таа не значи само познавање на сообраќајните правила и прописи и учество во сообраќајот, туку го детерминира и однесувањето на учесникот во сообраќајот и неговото лично и колективно чувство на важност во сообраќајот. Денар побара објаснување од експерт кој добро ги познава проблематиките со сообраќајната култира и безбедноста во сообраќајот. Докторот по науки од областа на безбедноста Кире Бабаноски за Денар вели дека сообраќајната култура се состои од пишани и непишани правила кои имаат за цел почитување на функционалноста на сообраќајот и сите учесници во него. Ваквите правила се основа за обликување на однесувањето на учесниците во сообраќајот, за развивање позитивен однос кон сообраќајот, но и за воспоставување и одржување на безбедноста во сообраќајот.

„Степенот на почитување на сообраќајни правила и прописи директно зависи од нивото на сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот. Нивото на сообраќајната култура што го поседува поединецот, пак, најмногу зависи од домашното воспитување и воспитувањето и образованието стекнато во текот на школувањето, пред сè, во основното и во средното училиште. Во нашиот образовен систем не постои посебен наставен предмет што ја обработува сообраќајната култура, па и воопшто сообраќајот, туку, преку одредени содржини во други наставни предмети и воннаставни активности се допира проблематиката. Секако, недоволно! На потребата од зголемување на сообраќајната култура ни укажуваат секојдневни неправилни и непрописни однесувања во сообраќајот, не само кај младите, туку и кај возрасните. Унапредувањето на сообраќајната култура треба да биде континуиран процес кај сите сегашни и идни учесници во сообраќајот“, вели Кире Бабаноски од Здружение Импетус – Скопје.

Инаку, прашањето за сообраќајната култура е тесно поврзано со моралот и етиката во сообраќајот. Моралот и етиката во сообраќајот се комплексни, директно поврзани и зависни од моралните квалитети на секој учесник во сообраќајот и од напорите и вложувањата на општеството во создавањето оптимални услови за одвивање на сообраќајот. Учесникот во сообраќајот е учесник и во општественото делување, па според тоа и своето поведение на патиштата го сообразува и прилагодува според правниот ред што го востановила општествената заедница за регулирање на сообраќајот и за меѓусебниот однос на учесниците во него.

„Учесникот мора да ги почитува и правилно да се однесува кон нормите што го регулираат сообраќајот, да биде дисциплиниран, солидарен и хуман, без оглед каде, во какво својство и од кои позиции и општествени функции учествува во сообраќајот. Многумина сретнале или им се познати поединци кои се однесуваат неодговорно на патиштата низ државава, но истите тие знаат целосно да се прилагодат и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи во друга, посебно, поразвиена држава. Тоа е интересен феномен за проучување од сообраќајно-психолошки и бихејвиорален аспект. Главно, зависи од моралот на учесниците, кој пак е условен од мноштво фактори: општествено-политичката и економската структура во државата, спроведувањето на казнената стратегија и политика на државата, степенот на моторизација, квалитетот на патната инфраструктура и сообраќајна сигнализација, вклученоста на различните општествени субјекти во унапредување на безбедноста во сообраќајот, традицијата, обичаите и навиките во општеството, како и од личните индивидуалните психолошки карактеристики на учесниците во сообраќајот“, додава Бабаноски.

Исто така,  како доста силен фактор се издвојува свесноста на индивидуата за почитување на законите и беспрекорно функционирање на системот за санкционирање за сторени сообраќајни прекршоци. Поради ова, учесникот во сообраќајот може веднаш да се адаптира на новиот сообраќаен систем во кој учествува. Затоа, постојано мора да се работи на развивање самоконтрола кај сите учесници во сообраќајот, за да се спречат негативни морални постапувања од кои не само што би можеле да настрадаат самите тие, туку и другите учесници во сообраќајот. Учесниците несвесно учат едни од други како да се однесуваат во различни ситуации, па дури и негативни, неприфатливи ситуации, при што се влијае на изградбата на негативни ставови, погледи и однесувања, односно општа несвесност и неодговорност. Однесувањето во сообраќајот, сообраќајната етика и култура се елементи што почнуваат да се учат уште од најрана, предучилишна возраст. Основното решението е во постојана едукација на сите учесници во сообраќајот на патиштата, почитување на сообраќајните правила и прописи без отстапувања, како и редовни сеопфатни превентивни и репресивни сообраќајни контроли од страна на државните институции.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП