25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа 9 септември почнува 23. издание на Скопје филм фестивал

На 9 септември почнува 23. издание на Скопје филм фестивал

Во Кинотеката на Македонија в среда, на 9 септември, во 19 часот почетокот на годинешното 23. издание на Скопје филм фестивал ќе го означи проекцијата на отворено на австралиско-британскот филм „Вистинската историја на Бандата Кели“ во режија на Џастин Курзел, базиран на романот на Питер Кери за најпознатиот разбојник од Австралија Нед Кели, во кој се појавуваат Џорџ Меккеј и Расел Кроу.

Веднаш потоа следува проекција на филмот „Џулиета од духовите“, првиот од ретроспективата на Фелини.

„Среќни сме што Скопскиот филмски фестивал успеа да опстои и што и во услови на пандемија го отвораме 23. издание. Оваа година програмата ја прилагодивме на условите, но со голем број значајни филмови, заеднички со Кинотеката. Од придружните програми ја издвојувам изложбата на Зоран Кардула, наш извонреден уметник и дизајнер, како и големата ретроспектива на филмови по повод 100 години од раѓањето Фредерико Фелини“, вели Татјана Јаневска, директорка на фестивалот.

Скопје филм фестивал, за своето 23. издание носи разновидна програма и содржини во чии рамки ќе понуди повеќе од дваесет играни и документарни филмови поделени во три програми: Панорама на светски филм, Денови на квир кино и Ретроспективна програма на филмови од Федерико Фелини.

Програмата Светски филм на публиката во Скопје филм фестивал ќе ` донесе пресек на актуелите и наградени филмови од врвните светски фестивали во текот на 2019 и 2020 година, како Санденс фестивалот и Берлинскиот филмски фестивал.

Трета година по ред, Скопје филм фестивал ја реализира програмата „Денови на квир- кино“ во која се прикажуваат филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор.

Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот прави обид да отвори теми кои извираат од квир-културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. Селектор на оваа програма е Крис Белони.

Особено атрактивна е годинашната голема ретроспектива во чест на италијанскиот и светски великан на филмската уметност, Федерико Фелини, по повод 100-годишнината од раѓањето на големиот мајстор.

Оваа програма се реализира во соработка со Кинотеката и Италијанската национална кинотека. Во рамки на оваа програма ќе бидат прикажани десет филмови на Фелини.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот дизајнер и уметник Зоран Кардула. Годинава, во галеријата на Кинотека меѓународно познатиот македонски уметник ќе ги изложи своите верзии на 11 плакати од филмовите на Фелини.

Изложбата ќе биде отворена за времетраење на фестивалот, но во галеријата ќе можат да влезат ограничен број на посетители.

Во рамки на програмата на фестивалот ќе биде отворена и изложба на дела на учесници на обуката за Артивизам. Осум учесници научија како да го користат методот на артивизам да ја кренат свеста и да го зајакнат знаењето за човековите права и правата на ЛГБТ-заедницата.

Од 9 до 13 септември ќе се одржи петдневна филмска работилница која ќе вклучи практична работа за основните филмски техники и камера, развивање на индивидуални идеи за филм, работилница за монтажа, а последниот ден и создавање на 9 кратки филмови. Предавачи и обучувачи на оваа работилница ќе бидат професионалци од филмската индустрија од Холандија и Македонија.

Програмите на 23. издание на Скопје филм фестивал, од 9 до 16 септември ќе се одржуваат во Кинотеката, на отворено, со ограничен број седишта и со примена на сите мерки од протоколот за здравствена заштита.

Сите проекции се бесплатни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП