26 април, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(14.01 – 18.01.2013)

 

Во неделата која следеше по одржаните аукции за продажба на акции и удели од ПИОМ, продолжи трендот на извесен пораст на тргувањето на Македонската берза. Просечниот дневен промет во петте трговски денови достигна 8,4 милиони денари во редовно тргување (41,8 милиони вкупно), што иако не е ни приближно доволно за да зборуваме за некое раздвижување на берзата, сепак претставува извесно зголемување во споредба со просечниот дневен промет од последните два месеци. Растот на прометот го следеше и растот на двата индекси на акции – МБИ10 имаше неделен пораст од +0,77%, МБИД од +0,90%.

Во реализираниот промет, покрај тргувањето со државните обврзници од денационализација на кое отпаднаа 14,6 милиони денари (35% од вкупниот промет), се издвои и акцијата на Комерцијална банка Скопје која реализираше вкупен промет од 10,5 милиони денари. Во најтргуваните три акции, повторно на Комерцијална банка „друштво“ и правеа Алкалоид Скопје со 4,3 милиони денари и Македоснки Телеком Скопје со 2,4 милиони денари. Во акциите со реализиран промет од над 1 милион денари уште влегоа и Гранит Скопје со 1,8 милиони, Тетекс Тетово со 1,9 милиони денари, Единство Тетово со 1,2 милиони и Тутунска банка Скопје со 1,1 милион денари промет.

На регионалните берзи повторно според порастот на вредноста на индексот и реализираниот промет се издвои Љубљанската берза. SBI10 неделата ја заврши со силен раст од +4,04%. Crobex исто така забележа пораст од +0.44%, Белградскиот Belex забележа пораст од +1,53%, додека софискиот Sofix имаше неделен пад од -0,43%.

Податоците за намалувањето на барањата за економска помош во САД за последниот месец од 2012 година, како и порастот на изградбата на нови стамбени објекти, придонесоа за умерен пораст на индексите во САД и на другите водечки светски берзи, и покрај послабите резултати на банките за последниот квартал од 2012 во споредба со очекуваните. Со тоа водечките американски индекси се приближија до своите петгодишни максимуми. DOW JONES имаше неделен пораст од +1,05%, NASDAQ од +0,55% а S&P 500 раст од +1,04%. DAX забележа мал пад од -0,35% на неделно ниво, FTSE 100 ја затвори неделата со раст од +0,76%, додека францускиот CAC 40 имаше раст од +0,90%. NIKKEI 225 имаше неделен пораст од +1,03%, HANG-SENG имаше неделен раст од +0,71%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП