24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛани за девет месеци граѓаните на Македонија потрошиле 124 милиони евра при...

Лани за девет месеци граѓаните на Македонија потрошиле 124 милиони евра при пазарење на интернет

За девет месеци граѓаните на земјава направиле над четири милиони и шестотини илјади трансакции во интернет трговијата. Ова претставува раст на годишно ниво од за речиси 22 отсто. Во исто време вредноста на трансакциите лани достигнала 124 милиони евра и во споредба со првите три квартали од 2018-та е забележано зголемување за 25 отсто. Од Асоцијацијата за Е – трговија велат дека сѐповеќе  од македонските граѓани веруваат во е-трговијата и секојдневно купуваат онлајн. За тоа е доказ и порастот кој се бележи  по неколку параметри.

„ Во текот на првите девет месеци од 2018 година реализирани се вкупно 3.783.185 онлајн трансакции, наспроти 4.611.964 онлајн трансакции во текот на 2019 година што значи дека во текот на 2019 година се направиле 828.779 повеќе онлајн трансакции во анализираниот период, што претставува пораст од 21,9%. Додека пак во однос на вредноста на трансакции, во 2019 година вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба во првите девет месеци изнесува 124,2 милиони евра, што во споредба во 2018 година кога се реализирале 99,1 милиони евра претставува пораст за 25.3% или 25,1 милион евра повеќе во анализираниот период од првите девет месеци во годината.

Дека интернет трговијата е во вистински подем говори и фактот што не само трансакциите и нивната вредност растат, туку зголемување има и кај бројот на уреди на виртуелните места на продажба. Во моментов се достапни и активни 968 веб-страници за е- трговија. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги. Виртуелните места на продажба на крајот на месец јуни 2018 година биле 871, што значи дека за период од 9 месеци во 2019 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 127 новоотворени, или за 14 нови веб продавници месечно во просек.

А околу реакцијата на сметководителите од Сојузот на стопански комори околу зголемувањето на прагот за царинење на пратките со вредност од 90 евра дека со тоа ќе се зголеми сивата економија, став побаравме од генералниот секретар на асоцијацијата Виктор Стојкоски. Тој смета дека едни од клучните проблеми кои влијаат врз растот на е-трговијата се едукацијата и понудата. Според него тоа се два директно и паралелно поврзани процеси, бидејќи за да се има едуцирани граѓани кои ќе знаат и веруваат во е-трговијата, најпрво треба да се воспостави  и атрактивна онлајн понуда која ќе им овозможи позитивно искуство при онлајн купувањето на граѓаните.  Истото важи и ако се постави тезата обратно, за да се  има сѐ подобра и поатрактивна понуда, мора да се овозможи и сѐ повеќе едуцирани луѓе кои ќе купуваат онлајн.

„Зголемувањето на прагот за царинење на вредност од 90 евра, директно помага во зголемувањето на понудата, затоа што на граѓаните им се нуди поголем дијапазон на производи и од реномирани светски е-продавници, со олеснување да не платат царина за вредност на пратка до 90 евра. Со тоа се повеќе луѓе ќе го добијат позитивното искуство на онлајн пазарење и со купување од странски реномирани е-продавници, а така ќе ја зголемат довербата во е-трговијата, со што ќе бидат посигурни да купуваат и од домашните е-трговци. Она што треба да се напомене е дека ова никако не влијае на зголемување на сивата економија, туку баш напротив – граѓаните ќе имаат можност по регуларен пат да нарачуваат производи со поголема вредност, без притоа да бидат мотивирани за прикривање на истата како во некои досегашни случаеви со цел избегнување на плаќање на увозните давачки. Дополнително, компаративно гледано – ако се враќаме од странство физички, можеме да внесеме стоки во вредност до 350 евра без да платиме царина, а за онлајн нарачка оваа вредност е далеку помала односно 90 евра. Ова е уште еден доказ дека зголемениот праг на 90 евра, никако не може да влијае на сивата економија, бидејќи е драстично помал во однос на оној кога физички пренесуваме стоки преку граница.

Иако кај нас прагот сѐ уште не ја достигнува вредноста по препораките на ЕУ и ЦЕФТА, кои велат дека прагот за ослободување на царина за онлајн пратки би требало да изнесува 150 евра, во оваа фаза сметаме дека станува збор за нормално зголемување на царинскиот праг, притоа водејќи грижа да не се загрози ниту една страна..“

Но и покрај сите позитивни бројки кои ги испорачува овој нов тренд на трговија, добар дел од македонските граѓани се скептични дека интернет купувањето не е безбеден. Затоа Стојкоски вели дека потребна е поголема едукација кај граѓаните, баш поради овие работи. Неговиот одговор е дека е-трговијата е исто толку безбедна како и традиционалната трговија. Стојкоски вели дека станува збор за два сегмента на безбедност при онлајн купување. Првиот е безбедност при плаќање, а вториот безбедност за точна и правилна испорака на нарачката.

„Во однос на безбедноста при плаќање, граѓаните мора да знаат дека доколку направат онлајн нарачка од било кој легален правен ентитет, плаќањето го прават преку платежен процесор кој е под ингеренции директно на банката каде се посветува премногу внимание за безбедност на трансакциите, се користи енкрипција на податоците, а се применува и 3D secure code (MasterCard Secure Code и Verified by Visa). Платежните процесори мора да ги следат безбедносните стандарди на меѓународните картични организации (на пример, Payment Card Industry Standard) кои покрај што се услов за добивање на лиценцата, тука се и услов за нејзино задржување. Тоа значи дека работата на платежните процесори, особено безбедносните аспекти, е контролирана од меѓународните картични организации, а тоа е доволен доказ за безбедноста при плаќање. Во однос на безбедноста при направената нарачка, живееме во една ера на дигитална трансформација каде што секојдневно интернетот зема се поголем и поголем замав во однос на функционирањето на општеството. Таму се појавуваат и легални, но и нелегални онлајн продавачи кои најчесто знаат и да ја нарушат добрата репутација која ја градат легално регистрираните е-продавачи. Затоа, сакаме да потенцираме дека граѓаните треба добро да се информираат од каде пазаруваат онлајн.“

Меѓудругото, Стојкоски додава дека една од стратешките цели на Асоцијацијата за е-трговијата на Македонија е и намалувањето на сивата економија.  Во моментов активно се работи на оваа тематика и набрзо ќе произлезат и конкретни мерки за сузбивање на истата, посебно во областа на е-трговијата, каде целта е да има се помалку нелегални онлајн продавачи, а се повеќе легални е-трговци.

Пред неколку дена Сојузот на стопански комори побара од министерството за финансии да се воведе поголема контрола при интернет продажбата, при што следеше реакција дека формирана е работна група која подготвува план за елиминирање на сите недостатоци од оваа област.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП