На Македонија и недостигаат хотели од светски бренд кои би го поттикнале туризмот. Експертите предупредуваат дека секторот не може да продолжи да се развива без да се подобри состојбата со сместувачките капацитети.
„Единствено во Скопје состојбата е малку подобрена изминативе неколку години. Се отворија Мериот и Хилтон кои се звучни имиња, но на метрополата и требаат уште вакви капацитети“, вели Бојана Петреска, сопственичка на туристичка агенција. „Во Охрид кој е и нашиот најголем туристички центар е сосема поинаку, нема ниту еден хотел од меѓународен синџир“, додава таа.
Во земјава има доволно хотели, но најголем дел од нив се мали и со стандарди кои не ги задоволуваат барањата на европските и американските туристи.
„Едно е да нудите автентичност и да развивате рурален туризам а сосема друго е ако сакате да одите кон масовен туризам. За тоа треба стандарди, треба исполнување на услови. Големите туроператори не соработуваат со кој било“, вели Петреска.
На booking.com, најобемната интернет база за резервации, има околу илјада опции низ целата држава. Најголем дел од нив се во Скопје и во Охрид. Во другите градови нивниот број е многу помал, но ги има секаде. Сместувачки капацитети на овој интернет сајт се нудат и во Пехчево, Виница, Ресен…
Најновите податоци за бројот на хотели, соби и легла на Заводот за статистика се навистина стари. На 31 август 2010-та година според Заводот за статистика во Македонија имало 383 сместувачки капацитети, од нив 147 се хотели (9 со пет ѕвездички, 22 со четири, 32 со три, 52 со две и 32 со една ѕвездичка). Во истиот извештај стои дека во земјава има само 5.093 хотелски соби. Состојбата оттогаш е навистина сменета, но нема официјални бројки кои би го рефлектирале тоа.
Според податоците од Државната статистика минатата година Македонија ја посетиле 1 милион и 491 илјада странски туристи кои оствариле над 3 милиони ноќевања или во просек во земјава останале само по два дена.
Статистичарите измериле дека лани бројот на странски туристи пораснал за 12.2%, а бројот на ноќевањата за 15.2%.
Најзастапени туристи се граѓаните од регионот: Бугарија, Грција, Србија, Албанија, Турција и Косово.
„Има развој, одиме напред но се уште сме далеку од потенцијалот кој го имаме. Ние не можеме да се мериме со Грција која е светска дестинација, но не можеме да се споредуваме ни со Бугарија или Албанија кои имаат море. Затоа мора да понудиме нешто поинакво, нешто различно. Државата сериозно треба да размисли во кој правец сака да се движи овој сектор“, вели Петреска.
Туризмот засега учествува со околу 2% од Бруто домашниот производ на Македонија.
К.Н.