25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветска Банка: ниската продуктивност – сериозен предизвик за македонската економија

Светска Банка: ниската продуктивност – сериозен предизвик за македонската економија

Зголемување на продуктивноста на работниците преку структурни реформи и борба со корупцијата е најдобриот рецепт за одржлив раст на македонската економија, советуваат експертите на Светската Банка.

Нагорна корекција на економскиот раст

Светска Банка направи нагорна корекција на проекцијата за економски раст за годинава, од 2.9 на 3.1%.

Во најновиот извештај „Растечка неизвесност“ Македонија и Косово се единствените земји од регионот на Западен Балкан во кои има нагорни корекции односно пооптимистички очекувања.

Сепак, експертите од оваа финансиска институција велат дека растот на македонската економија пред се е резултат на ниската основа од претходните години.

„Изгледите за економијата се умерено позитивни со годишен просечен раст што до 2021-та се предвидува да биде 3.2%. Инвестициите (на пример, јавните инвестиции во автопатите и приватните во инвестиции во енергетиката и туризмот ќе бидат главни двигатели, а тој ќе биде поддржан и од личната потрошувачка како резултат на зголемувањето на вработеноста и на платите“ се наведува во извештајот.

Според најновата прогноза БДП на Албанија во 2019-та ќе порасне за 2.9%, на Црна Гора за 3.0%, на Македонија и Босна за 3.1%, на Србија за 3.3% и на Косово за 4.0%.

„Континуираниот раст во регионот помага во креирањето на нови работни места, придонесува за вклучување на се повеќе жени на пазарот на труд и помага да се намали миграцијата“ вели Линда Ван Гелдер, директор на Светска Банка за Западен Балкан. „Сепак, насобраните економски облаци на хоризонтот упатуваат на потребата креаторите на политиките да работат на поттикнување на конкурентноста, на зголемување на ефикасноста на јавните трошења како и на растечките фиксални дисбаланси за да постигне одржлив развој“ објаснува таа.

Платите мора да растат паралелено со продуктивноста

Зголемувањето на платите мора да биде поддржано со зголемувањето на продуктивноста. Светска Банка предупредува – пред да се премине кон уште едно административно покачување на минималецот и на примањата во јавниот сектор мора да се направат сериозни анализи, во спротивно може да се предизвикаат негативни ефекти врз целокупната економија на среден рок.

„Ова е трета последователна година кога се одвива дискусија за зголемување на минималната плата. Сите зголемувања во иднина мора да бидат нужно придружени со зголемување на продуктивноста“ изјави Сања Маџаревиќ – Шујстер од канцеларијата на Светската Банка во Скопје.

Во првите шест месеци од годинава платите во Македонија реално пораснале за 2%, додека во Србија за дури 7%. Разликата меѓу двете земји освен во брзината на растот е и во основата – кај нас зголемувањето на просекот главно го крепат буџетарите, додека кај северниот сосед тој пред се е поттикнат од приватниот сектор.

„Растот на платите во Северна Македонија главно е движен од растот на платите во здравството, социјалата, образованието, земјоделството градежништвото и транспортот. Ова на среден и на долг рок практично ја поткопува продуктивноста“ вели Бојан Шимбов од канцеларијата на Светската Банка во Скопје.

Потребна е фискална консолидација

Светска Банка советува да се внимава и со субвенциите – и за земјоделството и за бизнис секторот, како и со буџетските трансфери кон фондовите за пензиско и за здравствено бидејќи просторот за зголемување на јавниот долг се стеснува. Очекуваат од следната година Владата да започне со фискална консолидација како што е и најавено.

„Се надеваме дека мерките кои што се најавени, кои за цел имаат зголемување на плати и пензии ќе бидат надополнети со трошковни или приходни мерки се со цел ова да биде фискално неутрално“ вели Марко Мантованели, Светска Банка.

И покрај зголемувањето на стапките на даноците и на придонесите во 2019-та се зголеми и фискалниот дефицит, нотира Светска Банка во најновиот извештај за земјава.

„Приходите на Владата се зголемија за 6%. Повисоки стапки на придонесите за социјално осигурување беа воведени во јануари, беше воведена повисока стапка на персонален данок на доход, а одбитоците беа намалени и се зголемија акцизите за тутунот и за горивата. Меѓутоа, расходите се зголемија за 8.4% на годишно ниво како резултат на зголемувањето на пензиите, платите, субвенциите и здравствените расходи“ стои во извештајот.

Иселувањето е сериозен проблем

Сериозен проблем на среден рок и за Македонија и за регионот е иселувањето. Анализите на експертите од оваа финансиска институција покажуваат дека земјава ја напуштиле половина милион луѓе, во најголем дел високо образувани и високо квалификувани кадри.

„Македонија заедно со Молдавија, Ерменија и Босна и Херцеговина е меѓу земјите кои имаат најголем одлив на високо образуван кадар“ изјави Бојан Шимбов од канцеларијата на Светската Банка во Скопје.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП