Бразилски рибар, кој пронашол пингвин во критична состојба, прекриен со нафта и заробен во карпи, го искапил и го нахранил, очекувајќи дека кога ќе се опорави, ќе отиде во потрага по своето семејство, но пингвинот останал со него осум месеци. Потоа исчезнал, но од тогаш тој секоја година патува по 8.000 километри за да се врати и да го посети својот спасител.
Пингвинот го добил името Диндим и одбивал да го напушти својот нов пријател, кого го запознал во 2011 година. Останал со рибарот осум месеци, по што исчезнал. Човекот којшто го спасил и негувал бил тажен по заминувањето на пингвинот, но знаел дека мора да биде така. Тој не очекувал дека Диндим некогаш ќе се врати, пренесуваат медиумите.
Но, малиот пингвин се вратил кај својот спасител и веќе пет години по ред го посетува и поминува време со него.
Диндим доаѓа кога сака и си заминува исто така. Ова пријателство е неверојатно, а исто така ги остави и научниците изненадени, бидејќи Диндим мора да преплива над 8 000 километри за да се сретне со својот стар пријател.