Феноменот на негативни каматни стапки, од централните банки до комерцијалните банки, станува се понезгоден, при што негативните каматни стапки на депозитите во Европа, први што ги тестираат се Швајцарците и Данците.
Во таа насока, втората најголема комерцијална банка во Данска деновиве дополнително го заостри своето работење, така што нема во иднина да им наплаќа негативна камата од 0,6 проценти само на штедачите кои имаат депозити над еден милиони евра, туку ќе им наплаќа и на оние кои имаат заштеди поголеми од 100.000 евра.
Главниот извршен директор на „Jyske Bank“, Андерс Дам, по тој повод, рече дека биле принудени да го направат овој потег, бидејќи Данската Централна банка ги зголемила негативните каматни стапки на банкарските депозити (т.н. вишок на банкарски резерви) на минус 0,75 проценти.
„Сега губиме уште повеќе пари на тие депозити“, рече Дам, објаснувајќи зошто ја прошириле својата депозитна база со негативни каматни стапки.
Не е исклучена можноста во блиска иднина, зависно од политиката на Данската Централна банка, таквото проширување да продолжи и за останатите штедачи.
Данската круна е врзана за еврото, така што и во нивниот монетарен и банкарски систем се рефлектира сè што се случува во еврозоната, односно политиката на Европската Централна банка.
Од причина што ЕЦБ неодамна ја намали својата каматна стапка на вишокот на резерви што ги чуваат банките во неа, која досега беше минус 0,4%, на минус 0,5%, истото неизбежно влијаеше и на Данска.
Банките плаќаат пенали доколку имаат суфицит над потребните резерви што не ги пласираат и тие стануваат се повисоки. На тој начин се поттикнуваат банките да бараат нови проекти за да го зголемат нивниот пласман.