19 март, 2024
ПочетнаКОЛУМНИМисла на неделата - НАСА и Титан го освојува, а кај нас...

Мисла на неделата – НАСА и Титан го освојува, а кај нас нема кој тревата да ја искоси

Читам на интернет порталите дека НАСА  (NASA – National Aeronautics and Space Administration) ќе испрати  беспилотно летало да ја испитува атмосферата и површината на Титан – месечината на планетатата Сатурн.  Ќе испитуваат дали има живот на истата.

Тоа е светот во 2019-та година, а додека во Македонија 2019-та година не може да се види и користи целиот  автопат т.е. пат кога се вози со возилата. Што сакам да кажам? Имав прилика да патувам минатиот викенд од Скопје преку Дебар за Охрид, а да се враќам назад преку Кичево.

На места, поточно од раскрсницата за Кичево и Дебар кон Охрид, вегетацијата покрај патот не само што не беше искосена туку веќе беше и излезена на патот. Значи, не само што видливоста беше намалена, туку и патот беше стеснет. На овој начин се доведува во прашање безбедноста на учесниците во сообраќајот. Верувам дека ова не е случај само со овие делници.

Знам дека дел од средствата што се плаќаат при регистрација на возилата одат на сметка на претпријатието кое е задолжено за одржување на патиштата во Македонија. Искрено, по цел пат не видов работници кои работат покрај патот. За дупките по патот ниту сакам да размислувам, туку кога возам само внимавам да не скинам некоја гума или оштетам дел од колата.

Велат дека од влезот во некоја држава, дали преку авио пристаништа или на друг начин, се што се гледа зборува за народот и начинот на кој таму се живее. Не само зградите, туку и патиштата и комуникацијата односно патната инфраструктура  се лицето на државата. Односно односот кон нив, или како една држава се грижи и ги одржува патиштата е исто така индикатор за развојот на општеството. Не сакам ниту да помислам какво мислење ќе добие за нас еден странец кој патува од Скопје за Охрид кога ќе ја види состојбата на патиштата. Не знам дали ќе бидат сменети или казнети одговорните лица за овие пропусти, арно ама ако не се реши проблемот, односно се продолжи по старо, тогаш внимавајте патници! Ве молам, ајде да ги средиме патиштата! На крајот на краиштата јас сум редовен плаќач на даноци, патарините ги плаќам, но не го добивам тоа што треба за возврат. Мислам дека во Македонија личната одговорност и самокритичност се веќе потполно замрени или скоро и да ги нема. Господо, не се директорува или менаџира само за да се набилда CV-то туку за да се завршуваат работите. Не, јас немам решение како да се средат работите и како да се искосат тревите покрај патот, но знам дека нема банкини, дека патот е стеснет, нема добра прегледност на некои места и се чувствувам несигурен учесник во сообраќајот. Еј луѓе, во светот ќе го снимаат Титан, а ние не можеме патиштата да си ги средиме. Се вели каква глава таква и капа, а јас ќе речам каков народ таква и држава. Живееме во време на брзи информации, но и на многу лажни вести. Време кога заминувањето во странство е тема број еден. Боли фактот дека, ете на пример во Германија или каде и да одиме, веднаш ги почитуваме прописите и законите повеќе и од самите германци. А дома? Пред некое време европјаните среде Скопје ни одржаа лекција како се чисти сметот. Сите тие “големи фаци” кои ни ги полнат вестите засукаа ракави и чистеа. Пред некој ден имаше и артисти кои имаа ваква слична акција. Сето ова е за поздравување, а воедно е срамота и греота за нас другите. Не може да чекаме цело време некој друг да не спаси, среди или да ни исчисти во сопствениот двор или населба. Какви депонии од шут сум гледал покрај Вардар на периферија од Скопје, да ти се згади.

Да продолжам. Викенд е и се шетам од село Горно Нерези по патот до Средно Водно. Кој бил, знае дека покрај патот има повеќе летниковци, но жално е дека скоро на секој и околу секој од нив имаше доста смет. Позитивно е тоа што имаше вработени луѓе (мислам од градски паркови и зеленила) кои го собираа сметот, но не може чистотата да се одржува ако не си го смениме менталитетот. Па добро бре што народ сме, па сите тие отпадоци биле амбалажа или запакувани производи и донесени во кеси до таму, па ајде во тие исти кеси да си ги собираме отпадоците и да ги враќаме односно да ги однесеме од таму и да ги фрлиме каде што им е место.


Татковината не се брани и сака на политички митинзи и контрамитинзи, туку треба да покажеме и со дела дека ја сакаме и почитуваме. Татковината се сака пред се со почитување на ближниот свој и на нашата околина. Не можеме само да бараме во Европа, а да не се однесуваме европски.

М-р Раде Чоловиќ

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

За англиска верзија кликнете ТУКА / For english version click HERE

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП