7 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИМакедонските мобилни оператори добиваат нова конкуренција

Македонските мобилни оператори добиваат нова конкуренција

albafon

На македонскиот телекомуникациски пазар од следниот месец треба да почне со работа нов мобилен оператор „Албафон“. Ќе работи како виртуелен мобилен оператор, ќе ја користи мрежата и антените на ОНЕ. Префиксот за повикување ќе биде 073.

Адриан Хоџа, извршен директор и претседател на Бордот на директори на „Албафон“,  денеска на прес-конференција најави дека нивна таргет група, како четврт мобилен оператор, ќе бидат граѓаните во Македонија со албанско етничко потекло.

Според Хоџа, „Албафон“ ќе понуди пакети и услуги кои ќе бидат дизајнирани да ги задоволат барањата и потребите на корисниците.

– Сметам дека сите три оператори во земјава се дел од европски компании кои во матичните држави даваат услуги и сервиси на многу повисоко ниво. Тоа е практика и во другите индустрии да светски брендови кога ќе дојдат да работат во друга држава, да ги спуштаат стандардите. Верувам дека тоа е поради предрасудите што ги имаат кон нашата држава и се спуштаат на ниво на локални компании и не ги нудат услугите како во нивните земји. Верувам дека со услугите и стандардот што ќе го понудиме, ќе ги разбудиме од сонот и ќе ги тргнеме од комфорната состојба. Ќе иницираме да ги донесат услугите и продуктите што ги даваат на корисниците во Германија, Австрија и Словенија, при тоа третирајќи ги граѓаните на Република Македонија како европски граѓани, рече Хоџа.

Директорот на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Орданоски очекува новиот виртуелен мобилен оператор да понуди софистицирани сервиси за корисниците во Македонија.

Според Орданоски, бројките покажуваат дека бизнисот во мобилната телефонија е далеку од тоа да биде заситен. Т-Мобиле Македонија е на лидерската позиција со 49 проценти од вкупниот број претплатници и 51 процент во вкупниот дел на приходи. По него следува Вип оператор со 28 проценти од претплатниците и 27 проценти од приходите, а трет е ОНЕ со 23 проценти од пазарниот удел на корисници и 22 проценти од остварените приходи.
–  Сакаме конкуренцијата на мобилниот пазар во Република Македонија да се зголеми, бидејќи ќе доведе до подобрување на сервисите, а конкурентската битка секогаш носи и подобри услови за крајните корисници, псоочи Орданоски.

„Албафон“ за работењето на македонскиот пазар од АЕК доби на располагање милион броеви.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП