29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНационалната награда за ООП од годинава дел од европскиот систем на наградување

Националната награда за ООП од годинава дел од европскиот систем на наградување

 saracini_2102_g_0

Националната награда за најдобри општествено одговорни практики (ООП) годинава станува дел од иницијативата „Европски систем на наградување на општествена одговорност на претпријатијата“, поддржана од Европската комисија, најави министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.

– Денеска го објавуваме шестиот конкурс за доделување на  награди за најдобри општествени практики. Годинава за првпат се приклучуваме на европската иницијатива за доделување на награди во делот на општествената одговорност што практично значи  дека нашите претпријатија ќе имаат можност да се натпреваруваат со претпријатијата од вкупно 29 земји, рече министерот Сарачини.

Целта на новата иницијатива, нагласи, е да се овозможи поголема видливост на најдобрите општествено одговорни практики, да се истакнат најдобрите европски проекти во делот на општествената одговрност, да се зајакне размената на најдобрите општествено одговорни практики во Европа и да се подигне свеста на компаниите за вложување во општествената одговорност.

– Најдобрите пректики на нашите компании годинава ќе бидат  промовирани и презентирани пред пошироката јавност во Брисел и поради тоа ќе добијат сертификат потпишан од висок претставник на ЕК што ќе значи многу за нив поради тоа што ќе добијат дополнителна шанса за промовирање на европскиот пазар, посочи Сарачини.

Евроамбасадорот Аиво Орав искажа благодарност што и Македонија се приклучува на иницијативата на ЕК за општествена одговорност, со што, како што рече, се отвора можност локалните компании да учествуваат на паневропскиот настан.

– Наградата ги поттикнува претпријатијата во целост да ги исполнат своите општествени одговорности кон општеството и нивното опкружување. Со тоа можат да ја изградат довербата на нивните потрошувачи и на граѓаните како база за одржлив бизнис модел. Тоа им помага да креираат опкружување во кое ќе можат да создаваат иновации и да раснат, рече Орав.

Според претседателот на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата, Александар Николовски, целта на наградите е да се овозможи поголема видливост на најдобрите практитки  на општествена одговрност и на тој начин  добрите примери да постанат инспирација за сите останати деловни субјекти.

– Европскиот систем на наградување на општествената одговрност на претпријатијата ќе ни помогне во усовршување на критериумите кои ги користевме изминатите години за оценување на пријавите кои пристигнуваа од претпријатијата, рече Николовски.

Мерките за општествена одговорност на претпријатијата, додаде, не секогаш значат издвојување на финансиски средства. – Оние кои се насочени кон третманот на вработените и  нивното информирање за клучните работи од функционирањето на претпријатието и нивното вклучување во донесувањето на одлуки не значат дополнителен издаток за фирмите. Дури и да е неопходно да  се издвојат средства претпријатијата треба тоа да го сфатат како вложување во својата иднина, углед и одржливоста на бизнисот, како и на целата општествена заедница, рече Николовски.

Во Македонија, додаде, има компании со добри практики иако пред неколку години претпријатијата главно се фокусираа на донации и спонзорства што на некој начин можеше да се сфати како рекламирање, но во последните две години состојбата драстично се смени.

– Веќе има претпријатија кои нудат посебни производи и услуги наменети за одредени маргинализирани групи. Тоа значи дека повеќе не ја сфаќаат општествената одговорност само како ад-хок донации и спонзорство, туку темелно го променуваат начинот на кој функционираат и настојуваат преку општествената одговорност да изградат модел кој ќе обезбеди одржливост на нивниот бизнис и на општествената заедница, рече Николовски.

Скоро половина од претпријатијата во Македонија, нагласи, имаат демонстрирано добри практики  во компонентата интеракција со засегнатите страни и во сферата на корпоративното управување.

Заинтересираните македонски компании почнувајќи од денеска па до 11 март годинава можат да аплицираат  за добивање на наградите за најдобра општествена одговорна практика со пополнување  на формуларите што можат да се најдат на веб-страниците на Министерството за економија и на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата. Церемонијата за доделување на наградите  во Македонија ќе се одржи на 18 април годинава.

Наградата и годинава се доделува во пет категории: односи со вработените, етичко управување, односи на пазарот, заштита на животната средина и вложување во заедницата. Во секоја од петте категории има две групации  во кои ќе се доделуваат наградите. Првата групација е за малите и средните, а втората за големите претпријатија. Едно претпријатие може да аплицира само со еден проект во една категорија, а истовремено може да учествува со повеќе проекти во различни категории.

Во изминативе пет години во Македонија беа наградени 57 добри  практики. Просечно годишно пристигнуваа по 50 апликации од 35 компании, а во секоја од петте години аплицираа скоро истите компании.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП