20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: каде оди македонскиот туризам?

Анализа: каде оди македонскиот туризам?

Минатата година Македонија ја посетиле 1.1 милион туристи. Секторот е во континуиран раст но и натаму има мал удел во вкупните економски активности. Туризмот директно учествува со околу 2% од БДП, а индиректно придонесува за околу 6 до 7%.

Над милион туристи годишно

Во Македонија годишно има речиси над милион туристи. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) минатата година завршила со вкупно 1.126.935 туристи. Од нив домашни биле 419.590, а странски биле 707.345.

Во 2018-та во однос на 2017-та растот на вкупниот број туристи бил 12.8%, кај домашните имало зголемување од 13.9%, а кај странските од 12.2%.

Лани биле остварени 3.176.808 ноќевања со што бил остварен раст од 14.5%.

Позитивниот тренд во туризмот продолжи и годинава. Според последните податоци на ДЗС во јануари и февруари имало вкупно 92.687 туристи што е за 2.4% повеќе во споредба со истиот период лани.

Во првите два месеца од годинава имало 36.131 домашен (+7.0%) и 56.556 странски турист (-0.4%).

Во овој период биле остварени 194.442 ноќевања што е за 1.1% помалку.

Најмногу гости доаѓаат од соседството

Најголем дел од странските туристи се од регионот. Над четири илјади или 15.0% од сите гости кои дошле во февруари биле од Грција, над три илјади или 11.3% од Косово, две и пол илјади или 9.6% од Србија, 8.3% од Турција, 8.1% од Бугарија и 7.6% од Албанија.

Во Македонија доаѓаат туристи и од подалечни и поегзотични дестинации, но во многу помал број. Така, во февруари ДЗС регистрирал 14 посетители од Нов Зеланд, 18 од Бразил, 4 од Исланд, 32 од Јужна Африка.

Најмногу туристи во хотели со четири ѕвездички

Најголем дел од туристите се сместуваат во хотели, а многу помал дел во хостели, мотели и апартмани. Барем, така покажуваат официјалните податоци.

Од вкупно 53.071 странски турист во февруари дури 48.620 биле сместени во хотели. Во хотел со пет ѕвездички имало 16 илјади, со четири ѕвездички имало 20 илјади, со три ѕвездички имало 8 илјади, со две ѕвездички 2 илјади и со една ѕвездичка нешто над 600.

1.212 луѓе отседнале во мотел, 1.070 во бањско одморалиште и само 134 во апартман или соба за издавање.

Девизен прилив од 335 милиони евра

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот пресметала дека девизниот прилив од туризмот лани достигнал 335 милиони евра.

„Последните податоците на Евростат покажуваат дека Македонија минатата година бележи највисоко ниво на зголемување на вкупниот број ноќевања на европско ниво и тоа за 22.1%, како и оти првпат по девет години се зголемил и просечниот престој на туристите во земјата“ изјави директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски.

Субвенции за странски туристи

Државата со години дава субвенции за туроператорите кои ќе донесат странски туристи. Лани за оваа намена биле исплатени 77 милиони денари или 1.2 милиони евра.

Сепак, дел од туроператорите се незадоволни од правилникот за исплата на субвенциите. За нив нелогично за туристите кои престојуваат во хотели од висока категорија да важат истите правила како за оние кои престојуваат во приватно сместување.

„Останува на државата обврска во однос на измената на законот за субвенционирање. Сегашниот закон не е функционален во однос на сумите кои се даваат за туристите. Мислам дека во иднина треба да има некоја измена со цел подобрување на начинот на субвенционирање и подобар успех на тур операторите за да си ги добијат“, рече Челик Асим, туроператор од Охрид.

Надлежните ги прифаќаат критиките и велат дека заедно со бизнисмените ќе подготват нов правилник до почетокот на сезоната.

„Субвенциите редовно се исплаќаат, буџетски средства има. Во 2018 година најавив дека во координација со сите субјекти во туризмот треба да создадеме нов систем на субвенционирање, кој ќе помогне и дополнително ќе го зајакне македонскиот туристички сектор. Лични мои предлози се измени во исплатата според категоризацијата на сместувањето, преку зголемување просечниот престој во земјата, зависно дали туристи се носат во или надвор од сезона… Се надевам дека во таа насока ќе бидат и елементите кога се во прашање изедначувањата на одредени пазари“ изјави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.

Мали капацитети со големи амбиции

За подинамичен раст на секторот недостигаат хотелски синџири од светски бренд, коментираат познавачите. Исклучок е Скопје каде состојбата последните години е подобрена.

„Состојбата полека се подобрува но ние сме далеку дури и зад земјите од регионот. Со Грција нема никаква споредба, но дури и Албанија е далеку пред нас“, вели Драган Стојановски, експерт за туризам. „Државата треба да поработи на привлекување странски инвеститори во овој сектор. Само така ќе се крене нивото на услуги и ќе се задоволат барањата на гостите кои стануваат се попребирливи“, објаснува тој.

Најновите податоци за бројот на хотели, соби и легла на Заводот за статистика се навистина стари. На 31 август 2010-та година според Заводот за статистика во Македонија имало 383 сместувачки капацитети, од нив 147 се хотели (9 со пет ѕвездички, 22 со четири, 32 со три, 52 со две и 32 со една ѕвездичка). Во истиот извештај стои дека во земјава има само 5.093 хотелски соби. Состојбата оттогаш е навистина сменета, но нема официјални бројки кои би го рефлектирале тоа.

Од друга страна дури 1570 капацитети се претставени на booking.com, најобемната интернет база за резервации. Нивниот број во последните три години е дуплиран.

Најмногу објекти, 573, има во најголемиот туристички центар Охрид. Следува Скопје со 527. Во другите градови нивниот број е многу помал, но ги има секаде. Сместувачки капацитети на овој интернет сајт се нудат и во Пехчево, Виница, Ресен…

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП