Во 2018-та година извозот пораснал за 17.0%, а увозот за 12.4%. Со тоа трговскиот дефицит се намалил на 3 процентни поени до 23.6%.
Минатата година вкупната вредност на македонските производи што завршиле на странските пазари достигнала 5 милијарди и 860 милиони евра. Земјава најмногу извезла интермедијарни производи (3.8 милијарди евра), потоа производи за широка потрошувачка (1.1 милијарди), капитални производи (900 милиони евра)…
Извозот во најголем дел е резултат на компаниите кои функционираат во слободните економски зони. Во категоријата интермедијарни производи влегуваат катализаторите, сетовите на проводници, деловите за седишта. Во капиталните производи меѓу другите влегуваат и автобусите.
Македонија најмногу извезува во Германија (2.7 милијарди евра), потоа во Србија (219 милиони), Косово (198 милиони), Грција (180 милиони).
Вкупната вредноста на увезените стоки лани достигнала 6 милијарди 824 милиони евра.
Големото учество на странските инвеститори во трговската размена се огледува и во увозот. Најголем дел се состои од платина и легури од платина кои се користат за изработка на катализатори, потоа нафтените масла, железните и челичните производи.
Ова е и една од причините што и домашните компании бараат државна поддршка за да се насочат кон извоз.
Според Државниот завод за статистика само 3.500 или 5% од вкупниот број на компании се извозно ориентирани. 80% од извозот го прават големите претпријатија.
„Ова јасно покажува дека најголем дел од македонските компании, пред се малите и средните претпријатија немаат можности за инвестирање во иновации и технологии и се кадровски, финансиски и технички ограничени за да остваруваат извоз“ вели Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот на стопански комори (ССК).
Домашните бизнисмени меѓу другото бараат и да се формираат фондови за одобрување наменски кредити со пониски каматни стапки за извозно ориентираните компании, како и поагресивно стимулирање на примената на нови технологии.
Државата очекува извозот да расте со побрзо темпо од увозот. На ова се засноваат и проекциите за економски раст во следниот период. Тоа е и еден од заклучоците во „Програмата на економски реформи 2018 – 2020“ на Министерството за финансии.
„Извозот на стоки и услуги се очекува да забележи реален раст од околу 8.0% во просек, во услови на континуирано солидна активност на извозно-ориентираните капацитети, како и очекуван раст на странската побарувачка, додека увозот на стоки и услуги во овој период се очекува да забележи просечен реален раст од 6.4%“ стои во Програмата.
Македонија како мала и отворена економија мора да го поттикнува извозот за да одржи раст на долг рок, потребно е соодносот на извозот во БДП да се зголеми од 50% до околу 75%. Ова е заклучокот и во студијата што неодамна ја изработи Виенскиот институт за меѓународни економски односи по барање на Стопанската комора. Главната препорака е да се направат дополнителни подобрувања во трговскиот сектор со цел да се поддржи растот на извозот.
К. Н.