19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЗаврши стечајот – со ФЕНИ ќе управува компанија од Бахамите

Заврши стечајот – со ФЕНИ ќе управува компанија од Бахамите

ГСОЛ ќе продолжи да управува со ФЕНИ откако ги доби сите потврди од надлежните судови, со тоа заврши стечајната постапка за комбинатот кој во своето 35 годишно постоење во суштина почесто не работел отколку што работел.

ФЕНИ дефинитивно излезе од стечај

ФЕНИ дефинитивно и конечно излезе од стечај. Скопскиот апелациски ја потврди одлуката на Велешкиот суд со која се прифаќа планот за реорганизација на комбинатот поднесен од компанија ГСОЛ од Бахамите.

Ова ја отвора можноста ГСОЛ, кој сега е само закупец, да стане и сопственик на комбинатот преку својата македонска фирма Еуроникел.

„И покрај многуте обиди да се стави сомнеж на исправноста на процесот за решавање на судбината на комбинатот, последната и конечна одлука на судот докажува дека не се констатирани никакви неправилности, а стечајната постапка на ФЕНИ беше регуларно и транспарентно спроведена за да резултира со потврден план за реорганизација и сигурна иднина за ФЕНИ и сите засегнати страни од неговото работење. После сите превирања, оваа одлука најголемо значење има за вработените, фирмите кои соработуваат со нас и целиот кавадаречки регион“ велат од ГСОЛ.

Со планот на предвидено е да се подмират сите побарувања на доверителите, да се вработат помеѓу 700 и 800 работници, од кој најголемиот дел се поранешни вработени во комнинатот, да се рестартираат нови производствени линии.

ГСОЛ има обврска да го спроведе во рок од три месеци, а надзор врз целата постапка ќе врши досегашниот стечаен управник.

И стечајниот управник е задоволен од судските одлуки.

„Решението само стави печат на законитоста на целата постапка, по заокружување на преостанатите процесно правни дејствија стечајната постапка ќе се заклучи како една од најуспешните стечајни постапки во Македонија и ќе претставува пример за успешна примена на Законот за стечај. Избраниот модел на реорганизација наместо ликвидација, начинот на водење на оваа транспарентна стечајна постапка во рамки на Законот за стечај, резултираше со целосна заштита на правата на сите доверители и на вработените, а импактот врз целата македонска економија е повеќекратен“ вели стечајниот управник Мирослав Анастасиевски.

Законот ја остава можноста комбинатот повторно да отиде во стечај доколку не се спроведе планот.

Стечајната постапка во траеше речиси 14 месеци, откако фабриката западна во огромни долгови. Државните институции за тоа го обвинија поранешниот сопственик Кунико, за кого тврдат дека со фиктивни фактури, на незаконски начин од фабриката испумпал преку 50 милиони долари. И покрај ова, Кунико се обидува пред меѓународни судови да докаже дека ФЕНИ му е одземен на незаконски начин.

Од југословенска гордост до македонски проблем

Во своето 35 годишно постоење комбинатот ФЕНИ почесто не работел отколку што работел.

Тој е свечено отворен во 1983-та, првите испитувања на теренот за присуство на фероникел започнале во 1974-та, а во 1979-та започнала и изградбата на комбинатот.

Сепак, само една година подоцна производството целосно запрело и продолжило дури во 1991-та кога била формирана ФЕНИМАК, компанија во државна сопственост со приватни акции.

Во 2000-та почнува потрагата по нов сопственик, а наредната година металуршкиот комбинат е целосно приватизиран по што било рестартирано производството на фероникел во форма на инготи.

Во 2004-та почнува увоз на руда од Азија со што се зголемува капацитетот на производство.

Следната година ФЕНИ Индустри станува дел од Групацијата Кунико која изгради линија за гранулација и започнува со производство на фероникел гранули.

Во октомври 2017-та беше отворена пред стечајна а потоа и стечајна постапка поради на барање на најголемите доверители – Комерцијална, Стопанска и Силк роуд банка кои имаа побарувања од над 40 милиони евра.

ФЕНИ поседува две линии со ротациони печки и две правоаголни електро – печки кои се најголеми од тој вид во светот. Пред стечајот имаше над 800 вработени и годишно производството до 20.000 тони.

Основниот производ на ФЕНИ е никел металот во форма на фероникел, што е легура која содржи приближно 20% никел и 80% железо, која се произведува со топење и рафинација на разни никлоносни руди кои содржат од 0.9% до 2.2% никел и од 15% до 40% железо. Бидејќи фероникелот е основна суровина за производство на нер’ѓосувачки челик, се извезува во челичарници ширум светот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП