9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: Македонија ја шири автопатската мрежа

Анализа: Македонија ја шири автопатската мрежа

Македонија ја шири автопатската мрежа, во моментов има 130 метри автопат на 1.000 жители што и не е лошо споредено со земјите во регионот. Миладиновци – Штип е пред пуштање во употреба, Кичево – Охрид треба да биде готов за две години, а се најавува изградба и на автопат од Блаце до Скопје.

Македонија има 130 метри автопат на илјада жители

Вкупната автопатска мрежа во Македонија во моментов е долга 270 километри. Со тоа земјава има приближно 11 метри автопат на илјада квадратни километри или околу 130 метри на илјада жители.

Главниот автопат е А1 (до неодамна наречен „Александар Македонски“ а сега „Пријателство“). Тој е долж Коридорот 10 и ја поврзува северната граница со Србија и јужната со Грција. Првиот дел е почнат уште во 1979-та година, а последниот од Демир Капија до Смоквица долг 28 километри беше пуштен во употреба лани. Со него целосно се заокружува оската Север – Југ на ниво на автопат.

По Коридорот 8 засега на ниво на автопат е поврзано Скопје со Тетово и Гостивар, а овде влегува и обиколницата на северната страна од главниот град. Ознаката на овој пат е А2, а уште се именува и како „Мајка Тереза“. На 25 километарското растојание меѓу Тетово и Гостивар автопатот има по 2 ленти во двата правци, но е без помошна лента, па според некои стандарди е категоризиран како експресен пат. Во тек е изградба и на делницата од Кичево до Охрид долга 57 километри која повторно доби нов рок за завршување, 2021 година.

Автопатската делница А4 долга 46 километри од Миладиновци до Штип е завршена но се уште не е пуштена во употреба. Го носи името „Гоце Делчев“.

Најавена е и изградба на автопат од Блаце до Скопје кој треба да почне да се гради годинава.

Кога ќе завршат тековните проекти вкупната автопатска мрежа во Македонија ќе биде долга речиси 400 километри што е зголемување од речиси 50% во однос на моменталната состојба.

Миладиновци – Штип пред пуштање во употреба

Градежните работи на автопатот од Миладиновци до Штип се завршени, се чека на техничкиот прием за да биде пуштен во употреба.

„Се подготвува техничката документација за техничкиот прием. Тоа е во делот на надзорот каде што ние не сме моќни. Поради снежните врнежи можеби деновиве некои контроли што треба да ги прават малку ќе бидат оневозможени, но очекувам до крајот на месецов автопатот да биде пуштен“, вели директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Изградбата на автопатот во должина од 47 километри почна во мај 2014 година. Владата во 2017-та потпиша анекс договор со кинески „Синохидро“ со кој рокот беше продолжен до крајот на септември минатата година. По повеќе одложувања на финиширањето на делницата, надлежните информираа дека по автопатот ќе се вози на крајот на декември 2018-та но и овој рок е пробиен. Конечната цена достигна 206 милиони евра.

Кичево – Охрид готов за две години

Автопатот од Кичево до Охрид според последните најави треба да биде готов до 2021-та. Рокот неколку пати беше пролонгиран, а цената од првично планираните 400 милиони евра порасна за дополнителни 187 милиони.

Во моментов се пробива вториот тунел кај Пресека кој кога ќе биде готов со 2.015 метри ќе биде најдолг во Македонија.

„До негово целосно пробивање ни преостануваат уште 47 метри и според нашите процени, ако имаме дневен ископ на тунелот од околу 1 метар, за очекување е до крајот на февруари и почетокот на март да биде пробиена и втората тунелска цевка“ изјави Жанг Ху, претставник на компанијата „Синохидро“.

Цената на оваа автопатска делница драстично порасна поради пропусти во првичниот проект но и лоша процена на теренот. Главниот проблем беа промашените косини на автопатот и непредвидените клучки, а дополнителни главоболки на градежниците им задава и ровката и мека земја во која многу потешко се изведуваат тунели и засеци.

Блаце – Скопје се уште без проект

Следен автопат на кој треба да се работи е од Блаце, на границата со Косово, до Скопје.

Следниот месец треба да биде објавен тендерот за првата делница долга помалку од два километри од граница до Блаце. Треба да почне да се гради во вториот квартал годинава и да биде завршена до крајот на 2020 година.

Истовремено ќе се препроектира втората делница од клучката Блаце до клучката Стенковец бидејќи според проектот изработен во 2002 година трасата влегува во зоната Визбегово и новоформираните гробишта. За оваа фаза е предвидено да се објави тендер следната година.

Според првичните најави по целиот автопат ќе може да се вози кон средината на 2023 година, но надлежните се оптимисти дека може да биде завршен и порано иако досегашното искуство со другите делници покажува дека ова е малку веројатно.

„Нашата цел е тој да биде изграден побрзо – 2021 година или евентуално почетокот на 2022 година“ изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Автопатот долг 12.5 километри со кој патувањето меѓу Скопје и Приштина треба да се скрати од два часа на 45 минути ќе чини 110 милиони евра. 73 милиони се обезбедени од ЕБОР, 27 милиони се дел од инструментот на ЕУ – Инвестициска рамка за Западен Балкан, а остатокот е од буџетот на јавното претпријатие за државни патишта.

Демир Капија – Смоквица е најновиот автопат

Најновиот, целосно комплетиран автопат, е од Демир Капија до Смоквица. Беше пуштен во употреба минатата година и со него целосно се заокружи Коридорот 10 од границата со Србија до границата со Грција.

Оваа делница е долга 28 километри и чинеше 280 милиони евра. Ја игзради грчката компанија Актор. Се гради од 2012 година. Првично требаше да биде готова во 2016-та.

Инфраструктурниот проект го почна претходната, а го заврши и го става во употреба актуелната власт. Шестгодишните активности на терен ги одбележаа обвинувања и критики меѓу двете гарнитури. Од СДСМ како поранешна опозиција упатуваа прашања околу изборот на „Актор“ и износот на инвестицијата, додека пак, од поранешната владејачка ВМРО-ДПМНЕ по заминување од власт минатата година ја обвинија новата Влада дека е неспособна да пушти готов проект.

Грција прва, Црна Гора последна во регионот

Со готови 242 километри автопат и уште 132 во изградба Македонија е некаде на средина споредено со државите од регионот.

На прво место е Грција со вкупна должина на автопатска мрежа од 2.520 километри, следува Турција со 2.289, па Хрватска со 1.254, Бугарија со 805, Србија со 620, Словенија со 612, Албанија со 271, Косово со 98, Босна со околу 40 километри, а на последно место е Црна Гора која засега нема ниту еден километар комплетиран автопат но таму во моментов се работи на траса долга 140 километри која треба да го поврзе пристаништето Бар со границата со Србија.

На ниво на Европа најголема автопатска мрежа имаат Шпанија (околу 16 илјади километри), Германија (13 илјади) и Франција (12 илјади).

Во светот број еден е Кина (131 илјади километри), па Соединетите Држави (77 илјади) и Канада (17 илјади).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП