6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРачната работа значи добра заработка

Рачната работа значи добра заработка

Фризерите станаа стилисти, а кројачите станаа дизајнери. Старите занаети добија нови имиња, но барем успеваат да опстојат. Од една страна традиционалните работилници како оние на ковачите, лимарите, шапкарите се бројат на прсти, но од друга страна има се повеќе молери, механичари, електричари.

Ако се одбере вистинскиот занает може да се живее и повеќе од добро. Така барем велат најголем дел од сервисерите, механичарите, молерите.

„Јас работам како молер веќе 10 години. Не е лесно, но знам дека трудот се исплатува. Месечно во лето стигнувам и до илјада евра, во зима 300 до 400 зашто има помалку работа, но сум задоволен“, вели молер кој работи во Скопје.

И на автомеханичарите им оди добро, особено на оние кои работат подолго време и имаат редовни муштерии.

„Грев е да се жалам. Да, рацете ми се маслосани цел ден, но на крајот на денот знам дека чесно сум си го заработил лебот. Од ова се живее добро. Има за еден еве да речам можеби и над просечен живот“, вели автомеханичар кој е специјализиран за француски автомобили.

Ваквите релативно нови занаети се и повеќе од профитабилни. Така велат оние кои се одлучиле за рачната работа. Дури имале и проблем да најдат чираци и квалификувани работници.

„Да се воведе подолготрајна практична настава, два дена на праска на пример три во школо и обратно, но немаме позитивно мислење од школите“, објаснува сервисер на бела техника.

Со изумирањето на дел од занаетите и со појавата на нови целосно се менува сликата и во чаршиите. Таму има сè повеќе кафулиња, ресторани и продавници, а сè помалку занаетчиски работилници.

Останаа по уште неколку стари мајстори кои се борат со времето и се обидуваат да ја зачуваат традицијата и наследството. Велат дека сега најмногу работат за странските туристи кои нивните мајсторски изработки ги купуваат како сувенири, а не затоа што навистина имаат потреба за нив.

„Македонците наместо уникатно и природно крзно сега купуваат само конфекциско и синтетичко. Порано сакаше секоја госпоѓа, секој господин да има капа или наметка, да биде облечен во крзно“, вели сопственикот на крзнарска работилница која се наоѓа во скопската стара чаршија.

Според Комората на занаетчии во Македонија има над 7.000 пријавени занаетчии кои работат во 300 регистрирани дејности. На листата на изумирање се најдоа ковачите, лимарите, шапкарите и часовничарите – овие занаети сè помалку се регистрираат како дејност и нивната бројка во изминатите неколку години континуирано се намалува.

Сепак и за дел од традиционалните занаети како да има светла иднина – бројот на чевлари е во пораст иако тие само поправаат, но не изработуваат обувки; а кај некои покрај модернизацијата на начинот на работа се менуваат и имињата на дејностите – кројачите стануваат дизајнери, берберите стануваат стилисти.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП