Американската фармацевтска компанија „Bristol-Myers Squibb“ договори купување на конкурентот „Celgеne“ во договор од 74 милијарди долари, која ќе биде реализирана во кеш и акции. Договорот ќе ги обедини двата производители на лекови за рак во едно од најголемите спојувања во фармацевтската индустрија во историјата, објави „Bloomberg“.
Според условите на предложениот договор акционерите на „Celgene“ ќе добијат по една акција од „Bristol-Myers Squibb“ и по 50 долари во кеш за секоја акција на „Celgene“ која ја поседуваат, покажува соопштението на компаниите од вчера. Тоа ја проценува „Celgene“ на 102,43 долари по акција, што е 54% повеќе од затворањето на цената на акциите на 2-ри јануари.
Акциите на „Celgene“ поскапеа за над 30% до 87,20 долари во берзанската трговија во Њујорк, а оние на „Bristol“ поевтинија со над 16% до 44 долари.
Договорот ќе ги соедини двете компании кои значително многу продаваат лековите за рак, но кои се соочуваат со скептицизам кај инвеститорите за нивните изгледи за раст. Акциите на „Bristol-Myers Squibb“ се намалија за повеќе од 15 отсто во 2018-та година, а „Celgene“ забележа пад од повеќе од 41 отсто.
Договорот е најголемиот за „Bristol“ под управа на главниот извршен директор Џовани Кафорио и се случува откако компанијата ги претрпе познатите неуспеси во имуно-онкологијата – нејзината најголема единица.
„Bristol“ е под притисок да го диверзифицира своето портфолио. Во моментов, таа генерира една четвртина од своите приходи од лековите за рак „Opdivo“, која се соочува со конкуренција од клучниот производ на „Merck & Co“. Кафорио неодамна изјави дека компанијата ќе бара договори за диверзификација на своите проекти. Во различни моменти во текот на последните години, додека „Bristol“ се бореше со неуспесите од клиничките испитувања, за самата неа се зборуваше како за цел за продажба.
Со купувањето на „Celgene“, „Bristol“ ќе добие контрола над еден од најуспешните лекови против ракот во последниве години – производот за лекување на рак на крвта „Revlimid“ што чини над 100.000 долари годишно.
И покрај успехот акциите на „Celgene“ беа погодени во последната година и половина поради стравувањата на инвеститорите дека компанијата нема потенцијален заменик на нејзиниот најпопуларен лек. Се очекува „Revlimid“ да се соочи со зголемена конкуренција од генеричките производи во наредните години.