20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПреку земјоделските задруги до конкурентно производство и сигурен пласман

Преку земјоделските задруги до конкурентно производство и сигурен пласман

zemjodelie

Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната седница го разгледа Предлог законот за земјоделски задруги, оцени дека е прифатлив и го даде на натамошно, второ читање.

Образложувајќи го текстот, ресорниот заменик министер Зоран Коњановски истакна дека законот системски го уредува основањето и функционирањето на задругите како општа форма на економско здружување на земјоделските стопанства.

Задругата е дефинирана како  организациска форма на доброволно здружување на земјоделски стопанства заради  остварување поединечни и заеднички економски, социјални, културни и други интереси и потреби при  вршењето земјоделска дејност. Членовите се еднакви и рамноправни по принципот еден член – еден глас.

Според Коњановски, со предложениот текст се врши утврдување на односите специфични за земјоделското производство и начинот на функционирање на земјоделските стопанства.

Во период кога како држава го имаме почнато процесот на окрупнување на земјоделските површини што ќе се реализира наредните десет години, цениме дека со законот и концептот за развој ќе се поттикне и постигне здружување на земјоделското производство, создавање земјоделски задруги кои ќе соработуваат во делот на примарното земјоделско производство, преработките, трговијата со земјоделските производи и преработки, услугите поврзани со овие дејности, како и трговијата и услугите поврзани со инпутите за примарното земјоделско производство и преработките на земјоделските производи, нагласи заменик министерот.

Овој начин на здружување, додаде, би овозможил создавање поконкурентни земјоделски задруги кои полесно ќе може да го планираат и договараат пласманот на произведеното во задругата, да вршат поевтини набавки на репроматеријали и, како здружени производствени капацитети, да имаат поекономичен процес на производство и преработка со повисоки производствени стандарди од досегашните.

Задруга може да основаат најмалку 10 земјоделски стопанства евидентирани во Единствениот регистар кои притоа ја задржуваат правната форма што ја имале  пред зачленувањето во земјоделската задруга. Едно земјоделско стопанство може да членува во повеќе земјоделски задруги, но не и да има повеќе од 30 отсто од вредноста на производствените капацитети во земјоделската задруга.

Според предложеното решение, земјоделската задруга може да биде од мал или од голем обем што зависи од бројот на членовите и нивните производствени капацитети. Мала е доколку брои најмалку 10, а најмногу 19  членови, додека голема ако има минимум 20 членови. Ги остварува дејностите во областа на примарното земјоделско производство, преработките, трговијата со земјоделските производи и преработки, услугите поврзани со овие дејности, како и трговијата и услугите поврзани со средствата кои се користат во процесот на примарното земјоделско производство и преработките на земјоделските производи.

Законот го обврзува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да востанови и води регистар на земјоделски задруги, додека задругата е должна да води евиденција на членовите и на производствените капацитети на членовите и на задругата.

Земјоделските задруги формирани и запишани во Регистарот ќе добиваат финансиска поддршка од државата согласно овој и Законот за земјоделство и рурален развој. Помогнати ќе бидат при основањето, за воспоставување административни и технички капацитети, ангажирање стручни лица, организирање информативни и промотивни активности, како и обуки на кадровскиот потенцијал и членовите, но исто така ќе добиваат и паричен надомест за исплата на плата на управителот на земјоделската задруга која согласно пропишаните услови може да остварува право на помош од овој вид првата година во висина од 100 отсто од просечната плата исплатена во Република Македонија за претходната година, со намалување од 20 проценти секоја наредна година во период не подолг од пет години.

Задругите од голем обем ќе имаат право на финансиска поддршка и за ангажирање едно стручно лице од областа на земјоделските науки и ветерината, во висина не повеќе од просечната плата исплатена во Република Македонија за претходната година.

Согласно законот, земјоделските задруги од мал обем може да добијат дополнителни директни плаќања за тековната година до 7,5 отсто за оствареното и продадено производство, а оние од голем обем по истиот основ до 15 проценти.

Задругите ќе имаат право и на поддршка за наводнување, во вид на надоместок на дел од трошоците за наводнување, за производствените капацитети во и на задругата, и тоа, во висина која нема да надминува 20 отсто од трошокот за наводнување за задругите од мал обем и 30 проценти за задругите од голем обем, но не повеќе од 400.000 денари на годишно ниво.

Предвидени се и премии за осигурување во висина која нема да надминува 70 отсто од трошокот за осигурување на производните капацитети на земјоделската задруга од мал обем и 80 проценти за осигурување на производните капацитети на земјоделската задруга од голем обем, но не повеќе од 3.000.000 денари годишно, како и поддршка за набавка на земјоделска механизација.

На седницата беа разгледани и измените и дополнувањата на законите за вино и за сточарство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП