Резултатите на „Nintendo“ за кварталот не одговорија на очекувањата на аналитичарите, бидејќи недостатокот на „блокбастер“ игри доведе до најслабиот раст на приходите од претставувањето на конзолата „Switch“ на пазарот во март 2017-та, пишува „Bloomberg“.
Компанијата со седиште во Кјото забележа оперативен профит од 30,9 милијарди јени (247 милиони долари) за кварталот јули-септември, што е под предвидените 37,9 милијарди јени. Приходите за периодот достигнаа 221 милијарди јени (1,96 милијарди долари), исто така, под очекувањата од 232 милијарди јени. „Nintendo“ продаде 3,2 милиони единици „Switch“ во кварталот, наспроти бројките од 2,9 милиони едници од претходниот квартал. Компанијата ја задржа својата годишна прогноза.
Падот ги загрижува инвеститорите кои овој месец при што цената на акцијата на „Nintendo“ оствари пад од 15%, во позадина на поголемите распродажби на технолошките акции. „Switch“ не уживаше во нови големи наслови во кварталот, а постарите и независни игри не беа доволни за да го задржат интензитетот. Ова предизвикува загриженост за способноста на „Nintendo“ да ја достигне целта од 20 милиони продадени единици за фискалната година.
„Ова беше квартал на затишје, без големи премиери за „Nintendo““, коментира Хидеки Јасуда, виш аналитичар во „Ace Research Institute“.
„Nintendo“ не ја промени прогнозата за својот годишен оперативен профит, приходи, продажба на софтвер и „Switch“ конзолата.
„Од самиот почеток решивме да поставиме цел која нема да биде лесна, а ќе биде предизвик за постигнување“, коментира претседателот на „Nintendo“, Шунтаро Фурукава. „Битката за сезоната на празници започнува сега“, додава тој.
„Nintendo“ продаде 24,2 милиони софтверски производи во кварталот, во споредба со 13,9 милиони од претходната година. Приходите од мобилните игри во текот на овој период се зголемија за 9 отсто годишно на 9,7 милијарди јени. Најновиот мобилен наслов „Dragalia Lost“ беше објавен на 27-ми септември, па затоа не влијаеше особено на резултатите за кварталот.